Во полите на најтаинствената планина во Бугарија, Странџа, се крие вистински град на мртовци. Вековните гробови се распростираат на должина од еден километар во месноста Пропада, крај Мало Трново. Името на таа месност доаѓа од фактот што почвата таму често пропаѓа. Гробовите на покојниците стојат отворени од двете страни на стрмната патека. Таму на времето минувал стар тракиски пат кој ја сврзувал планината со древниот Константинопол. Тој пат е сврзан и со древното светилиште во месноста Мишкова нива. По него биле пренесувани мермерните блокови, столбовите и сите други елементи на античкиот храм.
„Во месноста Пропада се откриени над 40 надгробни могили кои датираат од периодот III-V век. Во дел од мермерните гробови се најдени монети, кои на мртвите им биле ставани под јазик за да можат да му платат на Харон, кој со чамец ги пренесувал мртвите на другата страна на реката Стикс во подземното царство“, раскажува службеничка во информативниот центар на Мало Трново.
Според древниот мит, Харон ги превезувал мртвите во подземното царство само ако биле соодветно погребани со паричка под јазикот. Тие што не можеле да му платат, останувале да скитаат сто години по бреговите на реката.
„Кон крајот на патеката е и најголемиот објект во тој град на мртвите. Куполна гробница во која бил сместен извесен тракиски големец“, дополнуваат од центарот.
Според некои хипотези, станува збор за тракискиот владетел Ролистен, чијшто прстен бил најден во близина. Други претпоставуваат дека таму биле положени останките на Стратон, управител на блиските рудници. Среде гробовите се најдени и три гробови оформени како саркофази и наредени по големина, веројатно на татко, мајка и дете. Спротивно на очекувањата, морбидната глетка на гробиштата не ги плаши луѓето и секогаш кога времето го дозволува тоа, тој локалитет е често посетуван од туристи кои се шетаат низ градот на покојниците.
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.