Горан Трајкоски (Анастасија, Мизар), ја испеа песната напишана 1941 година од страна на големиот македонски револуционер и поет Коле Неделковски.
Коле Неделковски бил роден во селото Војница, близу Велес, на 16 декември 1912 година. Тој бил син на бедно земјоделско и сиромашно семејство. Своето основно образование во започнал во локално подрачно училиште во с. Војница и бил одличен ученик. Гимназиското образование го започнал како велешки гимназијалец. Неделковски морал да го прекине своето гимназиско образование дури во првото полугодие од првата година, поради недостаток на материјални средства. Неделковски се преселил во Скопје и започнал да го изучува молерскиот занает. Иако Неделковски се зафатил со изучување на занаетот, сепак желбата за збогатување на своето знаење не го напуштила. Така, тој се запишал во вечерното трговско училиште. Особен интерес Неделковски пројавил кон македонскиот јазик.
Коле Неделковси сметал дека во соседна Бугарија ќе најде подобри услови за живот, и во екот на светската економска криза се преселил во Софија. Потајно тој се надевал дека во Бугарија ќе може послободно да твори. Сепак, Неделковски се измамил во однос на двете работи. Неделковски најмногу се разочарал од фактот што поголемиот дел од македонските емигранти во Бугарија покажувал тенденција за однародување, подмамен со многу лажни ветувања и под дејство на политички пропаганди.
Летото 1941 година, поточно во месец август, излегла од печат збирката песни „Пеш по светот“, а дванаесет дена подоцна бил откриен од страна на бугарската полицијата како разнесувач на летоци. Полицијата ја блокирала зградата во Софија во којашто тој живеел. Сиот материјал што можел да ги компромитира неговите другари, Неделковски го уништил давајќи им оружен отпор на преследувачите. А кога веќе сè било јасно, поетот се фрлил од прозорецот на својата мансарда врз тротоарот на улицата. Коле Неделковски умрел на 2 септември 1941 година. Постојат сомневања за смртта на поетот, односно постојат сомнежи за тоа дали бил фрлен од полицајците или самиот скокнал преку прозорецот на неговата соба. Сведоците на настанот потврдуваат само дека слушнале експлозија на бомба во зградата, а потоа виделе како Неделковски паѓа на плочникот. По Втората светска војна, на местото на настанот е поставена спомен плоча, која подоцна исчезнува.