Германско семејство отпатувало во Русија и побарало азил, а како причина за тоа тврделе дека нивната татковина повеќе не е безбедна поради големиот наплив на мигранти. 51-годишната Карола Грисбах и нејзиниот сопруг, 45-годишниот Андре, возеле 2250 километри од северна Германија до Црвениот Плоштад во Москва во Фолксваген комбе „бегајќи од германската диктатура“. Со нив патувале и двете нивни ќерки и четирите внуци.
Семејството ја напуштило Германија поради поголем број причини, а како една од нив ја навеле нивната загриженост поради големиот број мигранти кои влегуваат во нивната земја. Откако пристигнале во Русија на Новогодишната ноќ па до сега престојувале во мал мотел во шума во близина на рускиот главен град. Но, руските власти не дале потврден одговор на нивното барање. Руската влада Германија ја смета за безбедна земја и на семејството не му било одобрено добивање азил.
Гризбахови тврдат дека немале време да набават посоодветни документи.
„Ние сме загрижени уште откако изведовме протест против германската влада пред Бундестагот, од септември до декември 2013 година. Германија веќе не ја чувствуваме за безбедна земја за нас, ниту за растење на нашите деца. Кога ја напуштивме Германија во декември 2015, немавме време да организираме ништо“, вели Андре. „Само набавивме туристичка виза за да можеме да влеземе во земјата. Немаше време да се среди за работнича виза.“
Откако пристигнале на познатиот руски плоштад, семејството се потпира на добрата волја на рускиот народ, како и на законските техникалии кои им овозможуваат да останат. Гризбахови тврдат дека договорот за прекин на воените дејства меѓу Русија и Германија од 1918 не е вистински мировен договор, па според тоа двете земји технички се сѐ уште во војна. Врз основа на тоа, руската држава има должност да ги заштитува.
Тие очајно сакаат да останат во Русија.
„Сакаме да останеме тука и да работиме. Не сме заинтересирани за напуштање на земјата. Многу луѓе овде ми понудија работа, како земјоделец, како градежен работник. Мојата куќа во Германија самиот си ја изградив. Би можел да работам и како преведувач или учител по германски јазик.
Во Германија ти требаат толку многу квалификации за да почнеш да работиш, но во Русија можеш едноставно да работиш. Радо ќе почнам да работам, само руската влада да ми го дозволи тоа.“