Користењето на животни во воени цели не е некоја новост, но француската војска во последните неколку години отиде чекор подалеку. Имено, одгледале четири орли кои се излегле од јајцата буквално во непосредна близина на дронови на воен полигон.
Четирите орли, наречени по четворицата мускетари, Д`Артањан, Атос, Портос и Арамис, од најмлада возраст се тренирани за лов на дронови така што им давале парчиња месо кои птиците ги јаделе директно од површините на малите беспилотни летала.
Првото тестирање е спроведено на воениот аеродром Мон-де-Марсан, при што орелот Д`Артањан е пуштен од врвот на контролната кула кон дронот. Во дваесеттина секунди птицата прелетела 200 метри, се залетила во дронот и без многу нежност и внимателност го приземјила беспилотното летало во високата трева.
Неколку седмици порано ирачки војници биле нападнати со бомба пуштена од дрон. Имено, џихадистите започнале да модифицираат евтини дронови и да ги користат како минијатурни бомбардери, а исто така и за шпионски намени. Токму од тие причини, Французите загрижени за својата безбедност како постојано потенцијална цел за терористички напади се решиле на ваков чекор.