Третина од возрасните на возраст од 24 до 35 години не се способни за самостоен живот, покажало истражувањето на Паундленд, откривајќи дека многумина од нив не знаат да заменат ни светилка. Спроведеното истражување всушност потврдило дека голем број од тие кои сѐ уште живеат со родителите губат определени вештини кои повеќето возрасни ги земаат здраво за готово.
Без оглед на тоа што благодарение на технологијата можат да најдат одговор на најразлични прашања, 23 отсто од младите признаваат дека не знаат да вклучат машина за перење алишта, додека 41 отсто не би можеле да приклучат блу-реј уред на телевизор. Многумина признале дека не би знаеле да закачат слика на ѕид, да заменат гумичка на славината, да украсат соба ниту пак да си ја испеглаат кошулата.
Проверката на моторното масло се покажала како „научна фантастика“ за многу од испитаниците, како и косењето трева, поставувањето полици на ѕид или варењето јајца. За варењето јајца четвртина од испитаниците велат дека е „тешко“ бидејќи – внимавајте сега – од луспата не можеле да видат дали е сварено! Исто така, 19 отсто од нив одговориле дека за тврдо варено јајце треба помалку од две минути, а исто толку сметаат дека треба најмалку пет минути за меко варено јајце.
„Постарите генерации ги имаат сите неопходни вештини, додека младите и тоа како се мачат со нив. Останува надежта дека многумина од нив ќе научат некои основни нешта пред да го напуштат домот на своите родители, за да не мора да плаќаат дополнителни трошоци за нивното издржување“- се заклучува во истражувањето.