Мексико планира да го екстрадира озлогласениот нарко бос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман во САД, а кога ќе пристигне таму, може да заврши во еден од најстрогите затвори во САД, казнената установа за максимални затворски казни во Флоренс, Колорадо. Секој затвореник во овој затвор, кој уште го нарекуваат и „Алкатраз на Карпестите планини“, поминува околу 23 часа во самица дневно. Затворот бил осмислен да ги вдоми „малиот број на осуденици коишто не покажуваат апсолутно никаков обѕир кон човечкиот живот“, вели Норман Карлсон, поранешниот директор на федералното затворско биро. Во затворот се затворени 406 осуденици, меѓу кои некои од најозлогласените имиња во светот, како Теодор Качински.

Весникот Тајмс го опишува нивното секојдневие на овој начин:

„Затворениците своите денови ги минуваат во ќелии од 3.6х2 метри со дебели ѕидови од бетон и двојни лизгачки метални врати, при што затворениците се целосно изолирани едни од други. Еден мал прозорец, висок околу 1 метер, но само десеттина сантиметри широк, овозможува само мал поглед кон небото и ништо повеќе.

Секоја ќелија содржи мијалник и тоалет, автоматизиран туш, а затворениците спијат на бетонски блокови покриени со тенок душек. Во повеќето ќелии има телевизори со вградени радија, затворениците имаат пристап до книги и списанија, како и до определени материјали за уметност и занаетчиство. На повеќето затвореници им се овозможува најмногу до десет часа неделно вежбање надвор од нивните ќелии, коешто се состои од поединечна посета на внатрешната „теретана“ (ќелија без прозорци во која има само едно вратило) и групно излегување во рекреативниот двор, при што сепак секој затвореник останува затворен во индивидуален кафез.

Сите оброци ги примаат преку отвор во вратата, а на тој начин се одвиваат и меѓучовечките интеракции лице в лице (со стражар, психијатар, свештеник или имам). Амнести известува дека затворениците овде вообичаено минуваат денови при што едвај да им се проговори некој збор.“

„Ова место не е за луѓе“, вели Роберт Худ, управител од 2002 до 2005 година, кој установата ја опишал како „почиста верзија на пеколот“.

Еве како изгледа тој затвор:

zt01 zt02 zt03 zt04 zt05 zt06 zt07 zt08 zt09 zt10 zt11 zt12 zt13 zt14

Сподели на Facebook
пати видено