Причината за нашата постојана фасцинација со смртта лежи во фактот дека сме длабоко фасцинирани од животот. Дали и после смртта продолжуваме да живееме, на некој метафизички начин? Дали доживуваме нешто што би можело да се спореди со тоа што го нарекуваме „свест“? На крајот на краиштата, смртта е само човечки термин. За некои тоа е почеток, за други крај, а за многумина едноставно е состојба кога веќе ништо не може да помогне, кога медицината крева раце.
Свеста е нешто што ни науката ни философијта не можат соодветно да го дефинираат по пат на апстракција, па за да се докаже нејзиното продолжување после смртта, потребно е живо суштество да го доживее тој процес, па така можеби некој кој кратко време поминал како клинички мртов би можел да ни даде најдобар увид во тоа како изгледа состојбата по смртта.
На сајтот Редит се јавил човек кој наводно во два наврати минал по две минути од другата страна на линијата, еднаш по несреќа со моторцикл, а еднаш од предозираност со аналгетици, и го споделил своето искуство со останатите членови. Дали ќе му верувате, останува на вас.
За тоа како изгледа смртта…
„Немам поим, едноставно беше црна празнина. Никакви мисли, никаква свест, ништо. И во двата случаи едноставно ме немаше. Едноставно сѐ беше црно. Би го споредил тоа како кога ќе земете дремка. Кратка дремка без никаков сон, се будите и имате чувство како да сте спиеле долго време, а всушност поминале само петнаесеттина минути. Единствената причина поради којашто знам дека сум бил клинички мртов е тоа што докторите чувствуваа должност да ја споделат таа информација со мене, во стилот: `О да, колку за твоја информација, неколку минути ти беше мртов`, хахаха….
Така, ако докторите не ми кажеа ништо, ќе си мислев дека сум дремнал малку, без да сонувам ништо.“
За тоа дали навистина доживеал „црна празнина“ или тоа е само начин на кој неговото помнење го пополнила „празното место“
„Дефинитивно не беше никакво празно место. Повеќе како дремка без сон, по што не се будите со чувство дека времето едноставно прескокнало напред. Знаете дека некое време сте спиеле. Во исто време, не можете да се сетите дека сте доживеале нешто додека сте спиеле, освен ако не сте сонувале нешто. Па така и да и не. Јас доживеав нешто, а тоа нешто беше дека не доживеав ништо.“
За чувството на умирање…
„Првиот пат беше непосредно пред несреќата и тогаш единственото нешто што ми падна на ум беше мислата: „ох, да го е*ам“. Вториот пат немав поим. Бев во болки и одеднаш немаше ништо, едноставно никаков живот. Потоа бев буден и повторно во болки.“
Во врска со тоа дали различните причини за смртта резултираат со различни искуства…
„Двете искуства беа сосема исти. Единствената разлика е тоа што во првата несреќа се сеќавам многу појасно на секундите пред смртта. Вториот пат бев во толкави болки што не бев сосема свесен за моето опкружување, ако ме разбирате…“
За искуствата на други луѓе кои доживеале клиничка смрт, а кои се сеќаваат на свест и потоа…
„Мислам дека во нивниот случај нивните умови биле сѐ уште активни. Тоа што го доживеале едноставно било некој вид на сон.“
За тоа како му било кога му кажале дека бил мртов…
„Првата реакција ми беше `О Боже, тоа е јако! Сега ќе можам да им раскажувам на пријателите дека сум бил мртов и сум се вратил во живот итн` но повеќето тие мисли беа мисли на морфинот во мене.
Тогаш почнувате да размислувате пореално и си помислив дека сега сум можел да бидам мртов. Тогаш сфатив колку сериозна била мојата ситуација. Дефинитивно помалку се плашам од смртта. Сега знам дека смртта не е ништо полоша од спиењето. Кога ќе умрете, едноставно престанувате да постоите.“
За религијата и животот по смртта…
„Јас отсекогаш сум бил атеист, но секогаш дел во мене се надеваше дека има Бог или рај или нешто поголемо од нас. Мислам, кој не би сакал да има рај? Сѐ уште сум атеист и сега знам дека не постои такво нешто како Бог или рај. Барем не за мене. Мојот разум вели дека ниеден Бог не би дозволил некоја личност или негово семејство да мине низ такво искуство.
Јас сум атеист и секогаш ќе бидам атеист. Но верувам дека вашето верување си е ваше верување. Единственото нешто што можеме да го споделиме е сопственото искуство и да оставиле луѓето сами да решат. Луѓето треба да престанат да ги наметнуваат своите верувања на другите.“
Како му пристапува сега на животот, по искуството на блиска смрт…
„Сѐ што сакам да постигнам во животот е да се забавувам и животот на другите да им го направам подобар, најдобар што можам. Ниедно лично достигнување нема да ми значи многу кога ќе умрам, единственото нешто што ќе остане да живее по мојата смрт е моето влијание врз другите кои се сѐ уште живи. И се надевам дека моето влијание ќе биде позитивно!“