Западната култура му придава голема важност на коефициентот на интелегенција при определувањето на способноста на некоја личност да биде успешна во професионалниот свет. Но, во реалноста, коефициентот на интелегенција не е единствениот предуслов за успех, ниту пак високиот коефициент на интелегенција е најважната вештина кога станува збор за тоа да се биде успешен во животот.
Во животот сѐ се врти околу донесувањето на решенија, и новите истражувања покажуваат дека способноста да се разберете себеси, вашите чувства и чувствата на другите е клучот кон правењето на најдобрите избори за вас самите. Способноста да ги разбирате вашите чувства (емоции) и чувствата на другите се нарекува емоционална интелегенција.
Експеримент објавен во научното списание Психолошка наука, спроведен од Џереми Јип и Стефани Коти од универзитетот Јејл донесе некои длабоки согледувања во врска со причините зошто личноста со висока емоционална интелегенција има поголеми изгледи да успее во животот.
„Во два експерименти, идтраживме како основната димензија на емоционалната интелегенција, способноста за разбирање на чувствата, го олеснува донесувањето на решенија. Поединците со повисоки нивоа на способност за разбирање на чувствата можат точно да препознаат кои настани ги предизвикале нивните чувства, и особено, дали нивните чувства потекнуваат од настани коишто не се поврзани со нивните сегашни решенија.Согледавме дека ризикот случајните чувства на вознемиреност коишто се предизвикани од настани неповрзани со моменталната ситуација да повлијаат врз донесувањето решенија е помал кај поединците со повисока емоционална интелегенција.“
Луѓето со добро развиено разбирање на чувствата не ги потиснуваат сите нивни чувства при донесувањето решенија, туку ги отстрануваат оние чувства коишто немаат никаква врска со одлуката која им претстои.
Причината зошто личноста со висока емоционална интелегенција вообичаено донесува подобри решенија лежи во тоа што тие имаат добро развиено набљудувачко его. Набљудувачкото его е дел од интелектот кој овозможува објективно да се набљудувате себеси и вашите чувства, речиси како да сте излегле од вашето тело и да се набљудувате однадвор.
Како емоционалната интелегенција влијае врз вашиот живот
Да претпоставме дека личност со висок коефициент на интелегенција и ниска емоционална интелегенција постигне професионален успех во животот, како што често се случува. Таа личност има добра работа, успешен брак, деца и животот е добар. Сега да претпоставиме дека стресот од таа добра работа продолжува подолго време. Тој стрес на крајот се пробива во другите сфери од животот. Човекот кој има недоволно развиеност за разбирање на сопствените чувств во такви ситуации вообичаено донесува серија погрешни заклучоци и решенија поради неспособноста да разбере што се случува внатре во него. Алкохолизмот, неверноста и домашното злоставување, сѐ се тоа симптоми на потиснатите емоционални проблеми кои на површината излегуваат непроверени и се манифестираат себеси како нешто сосема различно од првичниот проблем.
Во истиот пример, личноста со висока емоционална интелегенција бргу ќе увиди дека нивниот стрес и вознемиреност се должат само на притисокот поврзан со нивната работа. Потоа бргу ќе ги одвојат нивните фрустрации од другите аспекти од нивниот живот, и со своите чувства ќе се справат на конструктивен начин, преку изнаоѓање на позитивни средства да се ослободат од сиот тој стрес, како спортување, некое хоби, преку разговор со најблиските и на тој начин нема да дозволат да им се загрози квалитетот на нивниот живот.
Разбирањето на вашите чувства навистина е најдобриот начин да се справите со нив. Тоа не значи дека за да успеете треба да бидете робот кој не реагира на ништо, токму спротивното од тоа. Но, во тешките ситуации секогаш е најдобро да одвоите малку време во текот на коешто ќе се обидете да разберете што е коренот на сите тие проблеми, наместо стихијно да се препуштите на домино ефект на проблеми и потоа да се обидувате да ги потиснувате со лекарства, алкохол, наркотици и други девијации. И најважно од сѐ, не постои некој совршен рецепт за успех во животот, бидејќи се работи за динамичен процес, и тука, исто како и во природата, важи Дарвиновото правило за еволуција – преживуваат тие коишто најдобро ќе се прилагодат на ситуацијата. Емоционалната интелегенција е еволутивна придобивка која најмногу помага во сложените меѓучовечки односи.