За првпат по повеќе векови, научниците ја откопале површината која се смета дека била гробницата на Исус Христос. Таа се наоѓа во Базиликата на Светиот Гроб во стариот дел на Ерусалим, и била покриена со мермерна плоча од 1555 година наваму, а веројатно и векови пред тоа.

„Мермерот која ја покриваше гробницата беше изваден и бевме изненадени од количеството на материјал за пополнување под него“, изјавил археологот Фредрик Хајберт. „Тоа ќе биде долга научна анализа, но конечно ќе можеме да ја видиме оригиналната карпеста површина на која, како што пренесува традицијата, било положено телото на Христос.“

ed01

Според христијанската традиција, телото на Исус Христос било положено во гробница издлабена во вароничка пештера, веднаш по неговото распнување од страна на Римјаните во 30 или 33 г. н.е. Според христијанското верување, Христос по смртта воскреснал а жените кои дошле да го помажат неговото тело три дена по погребот, јавиле дека неговото тело го нема.

Ова погребно место сега е затворено во мала структура позната како Едикула (од латински aedicule – куќичка), која последен пат била реконструирана во периодот 1808-1810 година откако била уништена во пожар. Едикулата и внатрешната гробница во моментот се во процес на реставрација која ја врши тим научници од Националниот технички универзитет во Атина, под водство на проф. Антонија Моропулу. Откривањето на погребното легло на истражувачите им дава извонредна можност да ја проучат оригиналната површина на тоа што се смета за најсвет локалитет во христијанството. Анализата на карпата би можела да им помогне не само подобро да се запознаат со првичната форма на погребната комора, туку и како еволуирала во централно место за обожување и почит откако била откриена од Елена, мајката на римскиот император Константин во 326 г. н.е.

„Сега сме во критичниот момент за обнова на Едикулата“, вели Моропулу. „Техниките кои ги употребуваме за да го документираме овој уникатен монумент ќе им овозможи на луѓето од целиот свет да ги проучуваат нашите наоди како и тие самите да биле во гробницата на Христос.“

Мигот на откривањето

ed02

Вратите на црквата се затвориле порано – неколку часа пред вообичаеното време за затворање, оставајќи ги зачудени поклониците и туристите кои стоеле пред високите дрвени порти. Внатре, група конзерватори со жолти заштитни шлемови, Францисканци во своите едноставни кафеави мантии, грчки православни свештеници со високи свештенички шапки и Копти со извезени качулки го опкружиле влезот во Едикулата, внимателно гледајќи во неговата внатрешност. Пред нив се издигнувала фасадата на светилиште од 18-тиот век, детално изработени резби затскриени од железно скеле и портокалова безбедносна лента.

Внатре во гробницата, која вообичаено е осветлена со бледото светло на восочни свеќи, силното градежно осветлување ја осветлило малата ќелија, откривајќи ги деталите. Мермерната плоча која го покрива светото место кадешто бил положен Исус – околу 0,9 на 1,5 метри, изделкана од кремаст мермер – била извлечена од ѕидот. Под неа се наоѓала камена површина во сино-беж боја. „Што е тоа?“ – прашале една од конзерваторите. „Не знаеме сѐ уште“, одговорила таа. „Време е да се донесат алатките за научно набљудување.“

ed03

Базиликата на Светиот Гроб (исто така позната и како Црква на Воскресението) во моментот е под покровителство на шест христијански цркви. Три поголеми групи – Грчката православна црква, Римокатоличката црква и Ерменската православна црква – ја имаат главната контрола врз локалитетот, а Коптската, Етиопската православна црква, како и Сириските христијански заедници, исто така имаат свое присуство таму. Делови од црквата се сметаат за заеднички простори за богослужба и поклонение за сите христијански заедници, вклучително и гробницата и се регулирани од Статус кво договор со кој е потребна согласност од сите цркви.

Надвор од Едикулата, Теофил III, ерусалимски патријарх, поглаварот на Ерусалимската православна црква, ги набљудувал случувањата со смирена насмевка. „Мило ми е што атмосферата е посебна, има скриена радост“, изјавил патријархот. „Овде имаме Францисканци, Ерменци, Грци, чувари муслимани и полицајци Евреи. Се надеваме и се молиме дека ова ќе биде вистинска порака дека невозможното може да стане возможно. На сите ни е потребен мир и взаемна почит.“

Воскреснувањето на Светиот Храм

ed04

Структурниот интегритет на Едикулата со децении предизвикувал загриженост. Тој бил оштетен за време на земјотресот од 1927 година, па така британските власти во 1947 година морале да засилат зградата со неугледни надворешни носачи кои останале до ден денес. Потешкотиите во комуникацијата помеѓу претставниците на црквите и недостатокот на финансиски средства ја оневозможувале поправката.

Во 2015 година, Православната ерусалимска патријаршија, во согласност со двете други големи христијански заедници, го поканиле атинскиот Национален технички универзитет (кој претходно спровел реставрациони проекти врз атинскиот Акропол и Аја Софија) да ја проучи Едикулата. Заедниците на Базиликата на Светиот Гроб се согласиле да ја реставрираат градбата во 2016, при што работата ќе биде завршена во 2017. Меѓу донациите за овој проект со вредност од над 4 милиони долари е повеќемилионската донација од страна на јорданскиот крал Абдула II, и подарокот во износ од 1,3 милиони долари од Мика Ердоган, која ги подарила средствата на Светскиот фонд за споменици, како поддршка за овој проект.

Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.

Сподели на Facebook
пати видено