„Светлина од газиена лампа“ е насловот на филм од 1944 година во која главната улога ја толкува Ингрид Бергман, а е снимен според истоимената театарска пиеса на Патрик Хамилтон од 1938 година. Во неа сопругот на главната хероина менува различни детали во нивниот дом за да ја натера да се посомнева во својата способност за здраворазумско расудување и да мисли дека полудува. Така тој на пример ги затемнува газиените лампи. Токму од тоа сценарио психологијата го позајмува терминот „gaslighting“, што на нашите простори се преведува едноставно како „затемнување“ или „излудување“ – исклучително опасна манипулативна техника при која манипулаторот се стреми на секаков начин да ја натера жртвата да се посомнева во својата способност за трезвена проценка.

Секој може да стане жртва на „затемнување“. Тоа е омилена техника на диктатори, нарцисоиди, насилници и окултни лидери. Се спроведува бавно, за жртвата да не осознае дека врз неа се врши дејство. Еве што прават луѓето кои ја користат оваа техника…

 

1. Најбезочно ве лажат

Знаете дека е очигледна лага. Но и покрај тоа тие отворено ви ја плескаат в лице. Зошто се толку безочни? Бидејќи создаваат преседан. Откако ќе ви кажат една џиновска лага, вие нема да сте сигурни дали е вистина или лага било што што ќе ви кажат. Целта е да ве држат нестабилни и несигурни.

2. Одрекуваат дека направиле нешто дури и да имате докази

Знаете дека тој човек го кажал тоа…знаете дека го слушнавте со сопствени уши. Но, тој упорно одрекува. Таквите луѓе толку упорно одрекуваат, што прават да се посомневате во сопственото чувство за реалност – А можеби и навистина никогаш не го кажале тоа?! Можеби само ви се причинило…И колку повеќе го прават тоа, толку повеќе започнувате да ја доведувате во прашање вашата реалност и да ја прифаќате нивната.

3. Сѐ што сакате искористуваат против вас

Знаат колку многу си ги сакате децата и знаат колку многу држите до својот идентитет и интегритет. Ќе ве натераат да се почувствувате виновни кон или поради вашите деца. Ќе ви кажат, ќе бевте достоен човек, но само ако не бевте… – пополнете ги точките со што сакате. Тие ги напаѓаат вашите најдлабоки темели.

4. Ве истоштуваат со времето

Ова е една од најмрачните страни на „затемнувањето“ – тоа се спроведува бавно и постепено. Една лага тука, една лага таму, по некој потсмешлив коментар од време на време…и нештата полека се развиоруваат. Дури и најумните и најсамостојните луѓе можат да бидат вовлечени во тој водовртеж – толку ефикасна е оваа техника. Во неа човек е како жабата која бавно се вари и не разбира што се случува со неа сѐ додека не биде предоцна.

5. Дејствата не се совпаѓаат со зборовите

Кога си имате работа со човек или институција која ја употребува оваа техника, гледајте што прави, а не што зборува. Зборовите не значат ништо, тоа се само приказни. Тоа што прават е тоа што се важи.

6. Ве „тапкаат по рамо“ за да ве збунат

Истиот човек или група луѓе кои вообичаено омаловажуваат и ви велат дека немате никаква вредност, сега пак ве фалат за нешто што сте направиле. Тоа го дополнува неспокојството и недоумицата. Си мислите – а можеби и не се толку лоши. Не, сепак се многу лоши. Тоа е добро пресметан обид да ве задржат во зависна позиција и повторно да ве натераат да се сомневате во сопствената проценка. Обрнете внимание на тоа за што ве фалат – веројатно е нешто во нивен интерес.

7. Знаат дека збунетоста ги ослабнува луѓето

Манипулаторите знаат дека сите луѓе имаат некакво чувство за стабилност и адекватност. Целта им е да го искоренат тоа чувство и да ве натераат непрестано да се сомневате во секоја своја проценка. Природна е тенденцијата на луѓето да бараат човек, група или институција која ќе им го врати чувството на стабилност – и како таков се наметнува самиот манипулатор.

8. Проектираат

Ако тие прават сцени, претеруваат со алкохол или наркотици, изневеруваат итн. постојано ќе ве обвинуваат вас дека го правите тоа. Тоа го прават толку често, што вие започнувате да се браните и така сте го оттргнале вниманието до проблематичното поведение на манипулаторот.

9. Се обидуваат да ги убедат другите дека сте луди

Ова е еден од најефикасните и најперфидните инструменти на манипулаторот – бидејќи води до тоа другите да почнат да ве пренебрегнуваат, да ве игнорираат. Манипулаторите знаат дека ако другите го доведат под прашање вашиот здрав разум, нема да ви веруваат ако им кажете дека манипулаторот врши насилство над вас или дека ве контролира. Тоа е мајсторска техника.

10. Ви велат дека сите други лажат

Кога ви велат дека сите други (семејството, пријателите, познатите, медиумите итн.) лажат, тоа повторно ве тера да се сомневате во вашите очи, уши, ум, во вашата реалност. Досега не сте виделе никој кој се дрзнал да каже такво нешто. Значи има право, нели? Не. Тоа е техника на манипулација. Тоа ги тера луѓето сѐ повеќе да се вртат кон манипулаторот, за да ја добијат „правилната“ информација, која честопати е чиста измислица.

Колку подобро сте запознати со овие техники, толку потешко ќе паднете во стапицата на манипулаторот.

Сподели на Facebook
пати видено