84-годишната Елси Ајлер си ги наплаќа даноците сама на себе, едногласно се избира за градоначалник на градот на избори и сама си ја одобрува лиценцата за продавање алкохол од една едноставна причина: никој не живее во Монови, Небраска, освен неа.
Но, тоа не е толку тажно како што изгледа: и Елси и Монови се светски познато обележје и сега ќе дознаете зошто.
Градот Монови во северниот дел на Небраска почнале да го напуштаат уште во 1960-тите. Поштата и продавниците за храна биле први затворени, а во 1974 година локалното училиште било затворено откако и последниот ученик го завршил.
Единсвениот жител на Монови, Елси Ајлер има син и ќерка, но тие одамна го напуштиле градот. Кога нејзиниот сопруг Руди починал во 2004 година, таа успеала да управува не само со локалната таверна што ја имале заедно од 1971 година, туку и со целиот град. Таа е и градоначалник, благајник, библиотекар и бармен.
Секоја година Елси става на ѕидот на таверната постер за избор на градоначалник, а потоа гласа сама за себе. Нејзините одговорности вклучуваат годишна компилација на „патоказ“ за градот да обезбеди јавни финансии и да води регистар на земјиште за оние кои би сакале да се населат таму еден ден.
Освен тоа Елси, секоја година сама на себе си наплаќа даноци во износ од 500 долари. Ова е доволно за да плати за осветлување и водоснабдување на градот.
„За да ја продолжам лиценцата за продажба на алкохол и тутун, испраќам барање до секретаријатот на општината, а тоа сум јас. Потоа јас како секретар ги примам, потпишувам како службеник и ги предавам на себе како сопственик на барот.“, вели жената.
Во прилог на таверната постои библиотека – има 5.000 книги собрани од Руди, а внуците и правнуците на семејството Ајлер инсталирале осветлување и направиле полици. Секој може да чита тука – клучот виси во таверната на видливо место.
Елси живее во мала приколка во близина на таверната. Останатите згради на единствената улица во градот одамна се во лоша состојба. Секое утро во 9 часот, Елси ја отвора таверната. Во принцип, ја посетуваат редовните муштерии- оние кои живеат 40-50 км од местото. Пристигнуваат и возачите. Некои специјално одат по подолгиот пат за да ја видат својата стара пријателка.
Елси вели: „Ние сме како едно големо семејство. Постојат 4-ти или дури 5-ти генерации посетители. Многу е емотивно кога ќе се сетам дека како доенчиња ги носат за да ми ги покажат.“ Таверната на Елси изгледа како заедничка гостинска соба, каде што гостите играат карти, разменуваат вести, решаваат крстозбори и пишуваат покани за семејни прослави на табла.
Во 2004 година, кога Елси останала сама, многу медиуми пишувале за Монови. Најмалиот град во САД станал познат, а сега туристите од целиот свет доаѓаат тука: Елси има 4 книги испишани од гостите во нејзината таверна.
„Знам дека во секој момент можам да се преселам кај деца и внуците, но сакам да живеам тука. Домот е каде што ти е срцето.“, вели Елси и продолжува да подготвува хамбургери за своите гости.