Две калуѓерки решиле да се венчаат една со друга во Италија откако се вљубиле додека биле заедно во мисија. Жените, Федерика од Италија и Изабел од Јужна Америка, биле во врска три години и се едни од првите истополови двојки кои ќе склучат граѓански брак во Италија. Тие се запознале додека и двете биле калуѓерки во Францисканскиот ред, именуван така според сегашниот католички папа.
Но, за да се венчаат, се разбира тие морале да минат низ формален процес на прекинување на сите врски со Ватикан и Католичката црква. Нивниот брак ќе биде благословен од контроверзниот бивш свештеник Франко Барберо. Тој исто така бил екскомунициран од католичката црква поради неговата поддршка на геј браковите и оттогаш воспоставил своја група на истомисленици, каде што и ги запознал поранешните калуѓерки. За италијанскиот весник „Ла Стампа“ тој изјавил дека бракот на Изабел и Федерика бил „како и сите други љубовни приказни во светот.“
„Тие полека се запознале една со друга, и откриле дека споделуваат длабоки взаемни чувства“, вели тој. „Тие се две чудесни лучности, со многу длабока вера. Долго време размислувале за тоа и донеле храбро решение, знаејќи дека нема да бидат прифатени.“
Италијанскиот парламент во мај даде зелено светло за склучување на геј граѓански бракови, со што земјата стана последната голема западна држава која ги озакони истополовите врски. Католичката црква силно се спротивстави на легислативата и во јануари десетици илјади луѓе се собраа на плоштад во централен Рим за да го изразат својот протест против овој закон. Но, италијанскиот левичарски настроен премиер Матео Ренци изјавил дека тоа е клучно прашање во обезбедувањето на еднаквост меѓу граѓаните.