Доделувањето на Оскар е годишна манифестација на Холивуд, за време на којашто ѕвездите си подаруваат трофеи едни на други, за да си честитаат едни на други за игрите со преправање вредни милијарди долари. Како што се типично се случува, многу од кандидатите за Оскар се засновани врз „вистински приказни“, веројатно затоа што раскажувањето на важна вистинска приказна често е најдобар начин да се освои статуа на гол златен маж, кој поради некоја необјаснива причина е вооружен со меч. И како што често се случува, повеќето од овие филмови сосема удобно жртвуваат некои од незгодните детали на настаните кои наводно ги прераскажуваат, сѐ со цел полесно да се продаваат. На пример…
7. Човекот прикажан во „Повратник“ немал убиен син, едноставно сакал да си ги врати украдените нешта
Во врска со снимањето на „Повратник“ излегоа многу забегани приказни. Почнувајќи од тоа дека Леонардо Ди Каприо јадел сиров црн дроб од бизон, преку суровите временски услови, па сѐ до кажувањата дека 22-годишен актер бил влечен гол на студеното тло. Што, рака на срце, сепак е едно од помалку понижувачките нешта коишто младите актери мораат да ги прават за да се појават во холивудски филм.
Сето тоа било во функција на брутално реалистичен поглед врз животот на Хју Глас, вистинска личност од американската историја, колонист во најзападните погранични региони на САД. Во приказната Глас бил нападнат од мечка – што, бидејќи интернет новинарството практично се сведува на играње расипан телефон, од некои погрешно било опишано дека ликот бил силуван од мечка! Е, ајде де…
Како што опишува филмот, двајца членови на ловечка дружина заостануваат со повредениот Глас и неговиот син полуиндијанец. Но, наместо учтиво да почекаат Глас да умре, неранимајковците го убиваат синот на Глас и потоа го закопуваат повредениот човек.
Гонет од желба за крвожедна одмазда, Глас исползува од гробот и патува со километри преку суровата дивина за да ги уништи луѓето кои го убиле неговиот син. Нешто како спој помеѓу Гризли Адамс и Чарлс Бронсон.
Вистинската приказна:
Иако вистинската приказна за Хју Глас навистина е жестока, има неколку огромни разлики помеѓу историските настани и приказната раскажана во „Повратник“. На пример, нема историски сведоштва дека Глас воопшто и имал син, а не пак син убиен од неговите бивши сонародници. Плус тоа, не изгледал многу како Леонардо Ди Каприо, туку повеќе како кога Кени Роџерс би бил злосторник во „Лудиот Макс“.
Глас бил оставен да умре, но двајцата кои го закопале го сториле тоа бидејќи се плашеле да не бидат нападнати од Индијанците. И кога Глас по некое чудо успеал да излезе од неговиот гроб и да ги најде тие кои го оставиле таму, тој не бил мотивиран од одмазда – едноставно сакал да му се вратат личните работи. Имено, Глас видел дека тие му зеле некои вредни нешта, како неговата скапоцена пушка. Кога успеал да ги најде и си ја вратил пушката назад, дури и му простил на помладиот од двајцата. Но, приказната за човек кој излегол од дупка од царството на мртвите за да следи двајца за една пушка и извинување не е баш највозбудлива приказна за филм по холивудските стандарди.
6. „Мост на шпионите“ – американскиот воен заробеник не бил измачуван, поголемиот дел од своето време го минува во плетење
Партнерството помеѓу Стивен Спилберг и Том Хенкс ни донело мноштво приказни, почнувајќи до една од највозбудливите драматизации на хероизам од Втората светска војна, до помалку возбудлива приказна за некој тип заглавен на некој си таму аеродром. Минатата година двајцата се здружиле за да ни го дадат „Мост на шпионите“, вистинска драма од времето на Студената војна, за заробен советски шпион и адвокатот кој го застапувал.
Една од клучните компоненти е U-2, што не е некаков таму патетичен бенд, туку американски шпионски авион кој бил соборен над Советскиот Сојуз. Пилотот на авионот, Гери Пауерс, бил заробен и затворен од страна на Русите. Во филмот е прикажано како Пауерс скапува во валкан затвор, редовно измачуван од иследниците кои не му дозволуваат да спие се додека не предаде доверливи информации.
Тоа намерно е ставено во контраст со чистиот американски затвор, во кој заробениот советски шпион е нежно буден од цврст сон од страна на внимателен стражар, како да добива телефонски повик за будење од страна на рецепционер во Холидеј Ин.
Вистинската приказна:
За почеток, Пауерс не бил измачуван. Руските стражари кон него се однесувале добро. Поголемиот дел од своето време го минувал во грижи дека неговата жена го изневерува додека тој е заглавен во руски затвор. А исто така и плетел, и тоа најсериозно. Оваа простирка е негово дело.
Но, ако тоа било прикажано на филм, тоа малку ќе ја нарушела претставата за типичен американски херој заробен од типично заостанатите и сурови Руси, зар не?
5. „Девојката од Данска“ целосно ја преиначува сексуалната ориентација на главниот лик
„Девојката од Данска“ ја раскажува приказната за уметникот Ејнар Вегенер, кој станал Лили Елбе, првиот човек кој успешно си го променил полот и кој се прославил како пионер во заедницата на трансексуалците. Во филмот неговата склоност за травестија е прикажана како нешто што започнува како забавна игра помеѓу него и неговата жена Герда. Но, кога тој се посветува да живее како жена, тоа го убива нивниот сексуален живот и ја праќа Герда во прегратките на Ханс, згоден пријател од деството на Ејнар.
Вистинската приказна:
Според изворите, Герда била бисексуалка, при што некои историчари инсистираат дека таа отворено живеела како лезбејка и дека Лили и Герда често се впуштале во заеднички авантури. Според тоа, приказната дека сексуалното будење на Ејнар предизвикало слом на нивниот брак се чини малку смешна.
Преиначувањето на сексуалноста на Герда веројатно се должи на потребата да се создаде драматична тензија, или пак на тоа дека продуцентите на филмот мислеле дека публиката нема да издржи приказна во која заедно се комбинирани елементи на транссексуалност и бисексуалност, т.е. „за да не се комплицира политиката на филмот“.
Исто така, додека од една страна „Девојката од Данска“ се рекламира како „исклучителна вистинска приказна“…
…всушност е заснован врз роман со истото име, фикционализирана верзија на животот на Ејнар/Лили. Во книгата Герда е преименувана како Грета и е американска вдовица со грижлива близначка, нешто како Дени Де Вито во „Близнаци“. Книгата исто така е извор и за ликот на Ханс, кој по сѐ изгледа никогаш и не постоел. Па да, „Девојата од Данска“ се базира на вистинска приказна исто колку што врз вистинска приказна е заснован и „Абрахам Линколн: Ловец на вампири“.
4. „Право од Комптон“ – испуштени се постојаните напади врз жени од страна на Д-р Дре, како и еден од основачите на N.W.A.
„Право од Комптон“ е биографски филм за основањето на легендарната рап група N.W.A. Правењето на филмот го надгледувале Ајс Кјуб и Д-р Дре. Во филмот дури игра и О`Шиа Џексон Џуниор, синот на Кјуб, и тоа во доста добра изведба, наместо во некаква бледа недефинираност во што обично резултира непотизмот во шоу бизнисот.
Вистинската приказна:
„Право од Комптон“ испуштил некои детали до вистинскиот живот, како на пример дека Д-р Дре често претепувал жени, вклучувајќи ја неговата девојка, ТВ новинарка, којашто ја давел и се обидел да ја фрли по скали. Исто така, поради некои сомнителни причини во филмот отсуствува и еден од основачите на N.W.A., Арабиан Принс, кој го напуштил бендот непосредно пред објавувањето на албумот „Право од Комптон“, но сепак придонел со песна за албумот и позирал за насловната – факт кој веднаш паѓа во очи кога ќе ги споредите петте момци на филмскиот постер, со шесте момци на албумот.
Се разбира, Арабиан Принс малку се вознемирил поради тоа што го снемало како лик од „Зона на самракот“, особено со оглед на тоа што филмот прикажува специфични настани во кои тој учествувал. Тоа би изгледало како да се направи филм за Битлси во кој ќе се преправаат дека Пит Бест никогаш не постоел.
3. „Стив Џобс“ – Џобс заработил повеќе пари од Пиксар отколку од Ејпл, а неговото „триумфално“ враќање за малку не ја уништило компанијата
И покрај фактот дека во последно време се направија безброј филмови за Стив Џобс, последниот филм, „Стив Џобс“, во кој игра Мајкл Фасбендер, во улогата на „Волшебникот за играчки за возрасни“, ни прикажува нов поглед кон животот на човекот. На пример, тој бил многу позгоден отколку што сте си мислеле.
Филмот е поделен во три сегменти, при што секој прикажува лансирање на различен производ. Ги гледаме задкулисните палавости на Џобс, кој поголемиот дел од своето време го минува во одрекување на татковството на својата ќерка и викање по луѓето. Вториот сегмент на филмот започнува со отпуштањето на Џобс од Ејпл и во времето кога тој е среде лансирањето на NeXT. Иако тој компјутер на крајот се покажал како неуспех, филмот ни раскажува дека сето тоа било дел од макијавелистичката шема на Џобс да создаде оперативен систем кој Ејпл ќе сака да го купи, и со тоа да го отвори патот за неговото триумфално враќање во компанијата.
Вистинската приказна:
Ејпл навистина го купил Некст, но тоа не било никаква сплетка за Џобс да се врати како директор. Всушност, штом Џобс бил купен од Ејпл, бил награден со акции од 1.5 милиони коишто ги продал веднаш штом можел да го стори тоа законски, што за малку не ја уништило компанијата.
И кога Ејпл му дал отказ на својот директор и му го понудил тоа место на Џобс, тој отпрвин не го прифатил. И тоа затоа што во меѓувреме Џобс станал директор на мала компанија наречена Пиксар. И покрај тоа што зборот „Пиксар“ во филмот не се изговара ниту еднаш, Џобс од Пиксар заработил двојно повеќе отколку што заработил од Ејпл.
2, „Црна миса“ – Вајти Балџер бил измачуван од страна на американската влада
Бидејќи Џони Деп лесно одбива секаква улога којашто не изискува смешен костум и глас, „Црна миса“ била совршен избор за него. Филмот ја раскажува вистинската приказна за мафијашкиот бос Вајти Балџер. Во филмот Балџер се маскира како информатор на ФБИ, искористувајќи го системот за своја себична игра. Доста стандардна приказна, но Деп освои големо внимание на Оскар, веројатно затоа што луѓето се среќни да го видат како игра смешен лик кој не носи готик шминка.
Вистинската приказна:
Кога во 1950те бил во затвор, Вајти Балџер бил вклучен во МКУлтра, тајна илегална програма на ЦИА за контрола на умот. Балџер бил еден од неколкуте затвореници кои доброволно се пријавиле за програмата, при што на Балџер и другите субјекти им било кажано дека експериментите се обиди да се изнајде лек против шизофренија.
Наместо тоа, дел од проектот вклучувал давање на огромни количества дрога ЛСД на нивните испитаници. Балџер реагирал лошо на дрогата, што на крајот го довело до таму да има самоубиствени помисли. Оваа епизода не само што нуди објаснение зошто Балчер бил толку екцентричен, туку на некој начин објаснува и зошто бил таков изрод на подземјето. Но, во филмот само површно се спомнува дека во затворот му бил даден ЛСД.
1. „Одење по жица“ – откако поминал помеѓу Кулите близначки, Филипе Пети ги откачил пријателите и заминал да спие со групи девојка
„Одење по жица“ раскажува вистинска приказна за тоа како францускиот акробат Филипе Пети во 1970-те упаднал во Светскиот трговски центар и на жица изодел помеѓу кулите близначки. Иако самиот филм не станал голем хит, неговото пресоздавање на Кулите близначки привлече силно внимание со специјалните ефекти.
Вистинската приказна:
Приказната на Пети веќе беше прикажана во документарниот филм-добитник на Оскар, „Човек на жица“, кој вклучува некои поистакнати детали коишто биле испуштени во „Одењето“. На пример, „Одење по жица“ завршува така што Филипе го пуштаат од затвор и тој оди на вечера со неговите пријатели, коишто значително ризикуваат за да му помогнат да го изведе својот подвиг. Тогаш неговата девојка го напушта Њујорк, велејќи му: „Ти си го оствари својот сон, сега е на мене редот да си го најдам мојот.“
Да, ништо од тоа не се случило. Како што самиот Пети објаснува во документарецот, веднаш штом излегол од затвор, некоја непозната девојка од насобраната толпа го грабнала, велејќи му дека сака да биде првата личност која ќе прослави заедно со него. Тогаш се нашол на воден кревет во некој стан во Њујорк, впуштајќи се во „задоволствто на плотта“, што е малку попристојна фраза за „чукање на групи девојка“.
А што станало со сите тие негови пријатели кои го прекршиле законот поради него? Пети им се јавил и им кажал дека е заглавен со давање интервјуа и дека не можел да им се придружи на свечената вечера. „Одењето“ завршува со текст во кој пишува дека неговите пријатели се вратиле во Франција, меѓутоа не се кажува дека всушност биле депортирани. Пети добил плескање по рачето, и до ден денес живее во Њујорк, веројатно некаде држејќи лекции за тоа како да си ги упропастите односите со блиските луѓе за да остварите некоја фикс идеја.