Околу петтиот месец на бременоста, Даниел Фереира дос Сантос паднала болна, со висока температура и лути црвени дамки на нејзината кожа. Набргу закрепнала. Но неколку недели подоцна, кога пошла во болница на предпородилен преглед, ѝ била соопштена ужасна вест: Бебето кое го носела најверојатно добило сериозно мозочно оштетување.
Кога Хуан Педро дос Сантос дошол на свет во декември, обемот на неговата глава изнесувал само 25,4 сантиметри, дваесет отсто помалку од нормалното. На г-ѓа Сантос и бил дијагностициран вирусот Зика, и таа смета дека вирусот е одговорен за дефектот на нејзиниот син и огромната штета врз нејзиниот живот. Живеејќи во Ресифи, во Пемамбуко, североисточна држава во Бразил, таа се наоѓа во епицентарот на епидемијата Зика, а Педро е 4000 случај на микрокефалија(малоглавост) кој би можел да биде поврзан со вирусот, иако сѐ уште не е докажана врска помеѓу двете појави.
Уште од самото раѓање, Педро речиси цело време плаче без престан, како што прават многу бебиња со микрокефалија. Запира само на неколку часа додека спие. За време на тие скапоцени часови на мир, Сантос ги става нејзините прсти близу неговите гради, за да има за што да се фати, во спротивно почнува да се штипе себеси и се буди. Нејзиниот сопруг се нервирал од постојаното плачење на бебето, бидејќи тоа му пречело да си го гледа своето телевизиско шоу, вели таа. Исто така, тој многу бил разочаран затоа што му се родил несовршен син. Така, неколку недели откако Педро пристигнал во својот дом, неговиот татко си заминал. Со него си го зел и телевизорот со рамен екран кој претставувал централен дел од живеењето во нивниот малечок скромен дом.
Вирусот Зика потекнува од Африка, по што се прошири во Азија, а неговата појава во Бразил за првпат беше регистрирана во средината на минатата година. Се верува дека во земјата бил донесен од страна на туристи за време на Светскиот куп 2014. Вирусот оттогаш се шири како пожар низ североистокот, како последица на широко распространетата сиромаштија во тој крај, ниската хигиена, екваторијалната жега, но најмногу од сѐ хроничната наезда на Aedes aegypti, комарец кој пренесува разни тешки болести како жолта треска, треската денга, чикунгунја како и треската Зика. И покрај тоа што од Светската здравствена организација велат дека има „многу мала, мала веројатност“ дека е советуваат да не се патува во Бразил во текот на оваа и следната година, официјалните претставници стравуваат дека брзото ширење на заразната болест може да ги расколеба спортистите и љубителите на спортот да присуствуваат на олимписките игри следната година.