Еден ден, едно сиромашно момче коешто продавало разни нешта од врата на врата за да може да се школува останало со само една паричка во својот џеб, а било многу гладно.
Решил на следната врата да замоли за оброк. Како и да е, кога една прекрасна млада девојка му ја отворила вратата, тој се засрамил и побарал само чаша вода. Кога го видела момчето, таа помислила дека мора да е многу гладно, и наместо вода му донела голема чаша со млеко. Тој полека ја испил чашата, и потоа прашал:
„Колку ви должам?“
„Не ми должите ништо“ му одговорила таа „мајка ми не’ научи никогаш да не примаме пари за нашата љубезност.“
Тој кажал:
„Тогаш, ви се заблагодарувам од се’ срце.“
Како што Хауард Кели се оддалечувал од куќата, тој не само што се почувствувал посилен во снагата, туку и неговата вера во Бог и во луѓето станала исто така посилно. А веќе почнал да се откажува од неа.
Години подоцна, таа млада жена тешко се разболела. Месните лекари биле збунети и не знаеле што да прават, и најпосле ја испратиле во големиот град каде што повикале специјалисти да ја проучат нејзината ретка болест. Др. Хауард Кели бил повикан за консултација. Кога го слушнал името на градот од каде дошла болната, очите му добиле чуден сјај. Веднаш станал и низ болничкиот ходник се упатил право во нејзината соба, облечен во својот докторски мантил. Веднаш ја препознал. Се вратил назад во кабинетот за консултации решен да стори се’ што може да го спаси нејзиниот живот. Од тој ден, тој на тој случај му посветил посебно внимание.
После долга борба, битката била добиена. Др. Кели побарал од одделот за финансии да му ја донесат конечната сметка за тој да ја потпише. Погледнал во сметката, и потоа напишал нешто на крајот и сметката била испратена во собата на пациентот. Жената се плашела да ја отвори, бидејќи била сигурна дека цел живот ќе треба да ја исплаќа. Најпосле таа погледнала, и нешто ѝ го привлекло погледот на работ од сметката. Почнала да ги чита следниве зборови:
Исплатено во целост со една чаша млеко.
Потпишал: Др. Хауард Кели