Една девојка од Ирска е најновиот случај на наоѓање на двојник, при што дури и нејзиниот роден татко не може да ги разликува двете девојки. Дваесет и едногодишната Шенон Лонерган од Каунтри Кери, Ирска, ја нашла својата двојничка на Интернет, на веб страницата „Близнаци Туѓинци (Twin Strangers)“ откако била контактирана од седумнаесетгодишната Сара Нордсторм од Шведска. И двете имаат иста руса коса и карактерисики на лицето, што, како што кажала Шенон, тоа ја исплашило кога ја запознала Сара, а кога се сретнале во Даблин, дури и нејзиниот татко морал да погледне два пати кога видел колку многу си личат.
„Кога ја отворив вратата и ја видов Сара како стои таму, срцето буквално ќе ми излеташе од устата“, вели Шенон. „Ги имаме истите изрази, исто ги прчиме усните, истата насмевка…Многу е чудно!“
Шенон, којашто е студентка по бизнис, се зачленила на веб страницата „Близнаци Туѓинци“ во текот на летото и откако отпрвин редовно проверувала дали има свој двојник, извесно време не го погледнувала сајтот. Сара се зачленила минатиот месец, и по неколку пребарувања, налетала на Шенон. Тогаш девојките се договориле да се сретнат во Даблин, при што Сара долетала од Оребро, Шведска, кадешто оди во интернатско училиште.
„Бев нервозна, но и многу возбудена пред да одлетам за Ирска“, вели Сара. „Се плашев дека Шенон и јас нема да си личиме толку многу во живо, но излезе дека немало за што да се грижам. Таа дефинитивно е мојот двојник. Кога најпосле се сретнавме беше толку надреално, како да се гледам себеси.“
Откако поминале извесно време заедно во Даблин, одејќи заедно на Божиќен шопинг, тие откриле дека имаат и слични интереси.
Сара вели: „И двете сме учествувале на спортски натпревари на високо ниво. Јас бев во врвните групи за коњски трки во Шведска, а Шенон се пласирала високо во ритмичка гимнастика во Ирска и Велика Британија. Исто така, се чини дека исто гледаме на нештата. Имаше тоалет под скалите кадешто престојувавме и во неколку наврати коментиравме – исто како во Хари Потер! Тоа беше малку чудно.“
Шенон вели дека иако нивните личности малку се разликуваат, откако поминале малку време заедно, тие се почувствувале како стари пријателки.
„Нашите личности се малку различни. Сара е малку повеќе срамежлица, но набргу си зборувавме и се однесувавме како да се знаеме со години. Немаше други разлики. Многу бргу се приврзувате за некој кој го има вашето лице.“
Дури и семејството на Шенон, коишто дошле за да ја запознаат Сара, се мачеле да најдат разлика.
„Кога татко ми прв пат не виде мене и Сара, не знаеше каде да гледа. Постојано гледаше во мене и неа и изгледаше толку збунето. Неговиот израз на лицето беше урнебесен и покажуваше колку беше шокиран. Навистина му требаше време да види која е која.“
Сара ѝ покажала слика од Шенон на својата тетка пред да се запознаат и таа исто така мислела дека двете „неверојатно многу си личат.“
Сајтот „Twin Strangers“, кој го објавил видеото од нивната средба е основан врз претставата дека секој на светот си има свој двојник кој изгледа исто. Шенон изјави: „Мислам дека секој сонува да го запознае својот близнак, но не секој знае како да го стори тоа. Кога јас се зачленив, никогаш не си ни помислив дека навистина ќе ја најдам својата двојничка, но ете ја најдов. Не можам да престанам да се прашувам каде ми се другите туѓинки близначки.“
Девојките се додале една со друга на социјалните медиуми и планираат да останат во контакт. „Сара е најдобриот подарок кој сум можела да го побарам“, вели Шенон.
Сајтот „Twin Strangers“ до сега спарил многу луѓе со нивните двојници. Дваесет и шестгодишната Нив Гини од Даблин, Ирска, ја основала веб страницата заедно со нејзини пријатели кога на себе си го поставиле предизвикот да ги најдат своите двојници. Откако прво ја запознала својата двојничка Керен Брениген и направила фотосесија којашто станала вирална, Нив Гини била решена да најде уште шест свои двојници. Само неколку недели подоцна, дваесет и шестгодишната студентка и ТВ презентерка ја нашла својата втора двојничка, Луиза Гвизарди – но овојпат малку подалеку, во Италија. Подоцна ја нашла и третата двојничка, Ирен Адамс, којашто исто така е од Ирска.