Нема ништо рутинско во летањето на авион наполнет со четири хидрогенски бомби, секоја од нив сто пати помоќна од бомбата која ја збриша Хирошима. Но, за седумте членови на екипажот на авионот „B-52 Стратофортрес“ кој полетал од воздушната база Сејмор Џонсон во Северна Каролина на 16. јануари, 1966 година, речиси пред точно педесет години, ова било секојдневна работа. Нивната мисија била дел од огромна операција наречена „Хромирана купола“, којашто траела шест години и била витален дел од нуклеарниот капацитет на САД.
Со цел да ѝ обезбедат на светската супер сила постојана можност за возвраќање во случај на атомски напад од страна на Советскиот Сојуз, бомбардерите постојано летале на 24-часовни мисии преку океанот до источниот брег на Италија, пред да се вратат назад во САД. Ова значи дека доколку претседателот на САД дал наредба да се нападне Советскиот Сојуз, бомбардерите можеле бргу да стигнат до нивната цел врз којашто потоа ќе го испуштеле апокалиптичниот товар.
Тој ден со В-52 пилотирал дваесет и деветгодишниот Чарлс Џ. Вендорф, кој и покрај неговата младост, имал веќе петгодишно искуство на пилотирање бомбардери. Тој бил татко на три деца, и тоа утро неговата сопруга Бети го предупредила дека има лошо претчуство за претстојниот лет, молејќи го да не оди. Вендорф ѝ кажал дека наредбата си е наредба, и дека нема избор.
Поради должината на летот, В-52 морал четири пати да се дополнува со гориво во воздух. Откако свртел околу Јадранско Море, авионот се упатил назад кон третата точка за полнење, кадешто требало да се поврзе со огромениот КС-135 Стратотанкер на височина од 9450 метри над југоисточна Шпанија. Нешто пред 10:30 наутро на 17. јануари, авионите се сретнале во воздухот. При лет со брзина од 800 километри на час, процедурата за полнење била сложена, но екипажите биле искусни. Во тоа време Вендорф правел пауза, и авионот бил управуван од страна на мајорот Лери Џ. Месинџер, еден од копилотите. Операторот на воздушниот танкер забележал дека бомбардерот се приближува со поголема брзина од предвидената, за што ги предупредил. „Не гледавме ништо опасно во ситуацијата“, подоцна се присетил Месинџер, „но одеднаш се отворија вратите на пеколот.“
И пекол е вистинскиот збор, бидејќи бомбардерот ја промашил млазницата, и удрил во делот за полнење при што се откинало левото крило на бомбардерот. Набргу избил оган кој ги запалил 100.000-те литри бензин на танкерот, предизвикувајќи тој да се струполи кон земјата. Во меѓувреме, екипажот на бомбардерот сториле се да го успорат доволно за да можат да излезат од авионот со помош на падобрани. Што се однесува до хидрогенските бомби, веќе не можело да се стори ништо. За помалку од две минути, тие можеле да удрат во земјата со огромна брзина, уништувајќи голем дел од регионите Андалузија и Мурсија. На стотици илјади луѓе им се заканувала смртна опасност, а падот на нуклеарките имал капацитет да убие милиони низ Европа, не само со радијацијата, туку и од канцерогените заболувања кои претстоеле.
Половина век подоцна, сите ние знаеме дека неколку илјади километри квадратни на Шпанија не биле уништени од термонуклеарна експлозија. Да се случила таква ужасна катастрофа, историјата на изминатите педесет години ќе била сосема поинаква. За среќа, нуклеарните глави не експлодриале при нивното приземјување, иако конвенционалните екплозиви во две од бомбите сепак експлодирале, полевајќи го рибарското село Паломарес со три килограми високо радиоактивен плутониум-239. И покрај обидите кои тогаш ги направиле Американците за да ја расчистат ситуацијата, и денес, после педесет години, сѐ уште се чувствуваат последици од падот на вионите.
Дури минатиот октомври, американскиот државен секретар Џон Кери се согласил да се финализира договорот со шпанскиот министер за надворешни работи кој побара од САД да отстранат 50.000 кубни метри земја којашто останала контаминирана. Ова покренува некои непријатни прашања за САД, особено од страна на 1600 жители на Паломарес, од кои половината се британски иселеници, при што најголемото прашање кое виси во воздухот е – зошто Американците чекале толку долго да го остранат нуклеарниот отпад?
Набргу по несреќата, жителите на Паломарес биле бомбардирани со огромни остатоци од запален метал. Како што тоа го опишало едно петгодишно девојче, од небото врнело оган. Учителот Хозе Молинеро на своите ученици им кажал да останат внатре во училиштето, кога дел од тркалото на бомбардерот се урнало на само седумдесеттина метри оддалеченост. И други извлекле жива глава за влакно, особено осумдесет и тригодишниот Педро де ла Торе Флорес, кој си стоел со неговите два правнуци. Една од четирите хидрогенски бомби паднала точно пред нив – и експлодирала! Сепак, тоа било среќен ден за Педро, бидејќи експлозијата не била целосен термнуклеарен блесок, туку само детонирал конвенционалниот експлозив на бомбата. Иако Педрои неговите внуци биле соборени, сепак не биле претворени во гас.
Зошто бомбите не експлодирале? Бидејќи не биле активирани од страна на екипажот, што значи дека електричните кола потребни за целосна екплозија на нуклеарките не биле активирани. Конвенционалните експлозиви на хидрогенските бомби од типот на В28 морале да бидат детонирани во определен редослед за да доведат до фисија на ураниумот и плутониумот, и потоа до следователната фузија на водородните атоми, кои на бомбата ѝ ја даваат ужасната разорувачка моќ. Со оглед на тоа, кога ќе експлодира неактивирана нуклеарна бомба, резултатот не е Армагедон, туку т.н. „валкана бомба“, т.е. конвенционална бомба која распространува отровни радиоактивни супстанци.
Набргу по паѓањето на бомбата, таткото на еден од правнуците на Педро почнал да гази врз огнот кој ја опкружил бомбата, па дури и еднаш случајно ја клоцнал. Во тој миг неговата жена Луиза истрчала од куќата, предупредувајќи го:
„Што правиш Пепе, за име Божје. Бегај од таму, може да биде опасно!“
Што се случило со преостанатите три бомби?За среќа, ниедна од нив не предизвикала штета врз луѓе и имот. Втората бомба исто така експлодирала, иако експлодирала само половина од нејзиниот конвенционален експлозив. Третата бомба паднала во исушено речно корито без да експлодира, а четвртата паднала во морето.
Уште поголема среќна околност било тоа што откажале падобраните на бомбите, што значи дека паднале со таква сила што се зариле во земјата кога експлодирале, при што бил распрснато само мало количество на радиоктивен плутониум. Уште подобра околност е тоа што ветерот ги разнел радиоактивните честички од Паломарес, што селскиот свештеник го опишал како „дело на раката Божја“.
Сите четворица од екипажот на танкерот загинале со ужасна смрт, најверојатно изгореле живи пред запалениот авион да експлодира во воздухот. Членовите на екипажот на бомбардерот поминале доста подобро. Четворица од нив, вклучувајќи го и капетанот Вендорф, успеале да слетаат безбедно, а тројца биле спасени од морето. Четвртиот, капетанот Ивенс Бјукенен, паднал на земја во близина на Паломарес, претрпувајќи тешки изгореници и скршеница на рамото. Останатите членови на екипажот не успеале да се извлечат од авионот и загинале.
Неколку минути по несреќата, Воздушните сили на САД на Пентагон и Белата Куќа им го испратиле кодот за изгубена нуклеарна глава: „Скршена стрела“. Набргу бил испратен тим во потрага по бомбите. Три од бомбите биле лоцирани и отстранети во текот на 24 часа, но Американците се соочиле со поголем проблем со четвртата бомба, којашто лежела на длабочина од 762 метри под површината на Средоземното Море. Тоа што потоа се случило била серија од грешки. На американската морнарица ѝ биле потребни три месеци за да ја најдат бомбата, а кога конечно ја нашле, бомбата им паднала и потонала дополнителни 150 метри подлабоко. Тогаш подморница се заплеткала во падобранот на бомбата и за малку и таа не била изгубена. НАјпосле, во средината на април, бомбата била извадена од водата.
За време на случувањата, владите на двете земји се справувале со разбирливо вознемирената јавност на крајно несоодветен начин својствен за официјалните претставници. Биле давани изјави почнувајќи од одрекувања од дека имало нуклеарно оружје, до признание дека „можеби и имало“, за на крај да се стаса до колебливо признание. Двете влади исто ја држеле устата затворена и за тоа дали жителите на Паломарес биле погодени од радијација. Примероците од урина наводно покажале дека населението вдишале незначително количество на честички од плутониум, по што било заклучено дека не е потребно специјално внимание или третман.
Но, поголем проблем лежи во земјата врз којашто биле разнесени радиоактивните честички. Според официјалните извештаи, САД отстраниле близу 5000 буриња радиоактивна почва, а селаните добиле компензација за жетвата домати која им била уништена. Сепак, и покрај американските напори да се отстрани радиоактивноста, многу жители останале неубедени дека се безбедни. Според еден избештај, педесет селани сѐ уште носат плутониум во нивните тела, а се раскажува дека по несреќата многу селани умреле од рак релативно млади. За жал, сега нема начин како да се потврди ова, бидејќи медицинските извештаи биле запленети и уништени од страна на фашистичките власти на генерал Франко.
Со оглед на сево ова, не е за изненадување што Паломарес со децении бил болна тема во односите помеѓу Шпанија и САД. Во 2008 година, шпанските власти известиле дека повеќе од пет хектари земјиште е сѐ уште контаминирано. По многу дипломатски натегања, Американците конечно решиле да постапат како што треба и да го расчистат до крај атомскиот отпад. Ова ќе биде огромен проект, за кој ќе бидат потребни околу две години и ќе чини околу 34 милиони евра – резултат на опасностите од Студената војна. Сепак, кога подобро ќе се размисли, оваа цена можела да биде многу, многу повисока.