„Тешко ми е да го започнам овој текст, бидејќи ми е тешко да напишам дека учениците ни се сѐ помалку интелигентни. Мачно и страшно е еден просветен работник и родител да го напише тоа. Уште помачна е можноста тоа да е вистина. Веќе извесно време, поточно веќе неколку години, се борам со прифаќањето на фактот дека способностите на моите ученици опаѓаат од генерација во генерација, дека расте рамнодушноста, незаинтересираноста, затапеноста. Концентрацијата се мери во секунди, интересот се сведува на две-три, и тоа вообичаено површен интерес. Се разбира, зборувам за просек и знам дека има сјајни исклучоци, но знам и дека од година во година и тие се сѐ помалку…
Сакам да им се извинам на родителите што пишувам вака. Знам дека звучи страшно и нечовечно, но вие го имате тоа едно или две деца, а мене низ училницата ми минале преку илјада и јас не можам а да не ја видам промената која ми се одвива пред очите. Во последно време таа се одвива толку брзо што буквално секоја нова генерација е полоша од претходната. Веќе не е потребно да минат пет до шест години за да се забележи разликата. Сега таа е опиплива и страшна.
И немојте да мислите дека размислувам само за вас кога ја барам причината за тоа. Напротив! Знам дека проблемот е и до училиштето од кое некој упорно се обидува да направи не забавиште, туку зафркавалиште. Знам дека проблемот е и до општеството и нарушените вредности. Меѓутоа, и едното и другото се на сила бар неколку години, а децата не останаа на нивото од пред десет години. Срамежливо и со многу непријатности проверувам со колегите дали и тие имаат таков впечаток, надевајќи се дека можеби проблемот лежи во моите нереални очекувања. Шепотиме за тоа, свесни за тоа колку ужасно звучат нашите зборови. За жал, сите со кои разговарав го гледаат тоа и ја чувствуваат таа промена кај учениците.
Пред две години се чувствував мизерно кога од сите наставни планови ги исфрлив сите долги текстови. Пред десет години, тие исти текстови учениците ги совладуваа како од шега. Денес тоа го можат тројца до четворица ученици во одделението. Пред петнаесет години, кога мојот предмет се учеше од пето, а не од прво одделение, како сега, моите ученици, ученици во средно стручно училиште, со малку напор можеа да го следат гимназиското темпо. Навистина, странски јазик имаа три часа неделно, а не два како овие сега. Но, и колегите кои ги предаваат останатите предмети забележуваат дека на денешните генерации градивото едноставно не им влегува в глава. Учениците те гледаат бледо, не знаат да повторат што си кажал, на крајот на часот не помнат што се случувало на почетокот на истиот. Најлошо е кога ќе ги прашаш за мислење. Ќе се сепнат и збунето ќе те погледаат. Не им е јасно зошто ги замараш со барање да имаат свое мислење за некоја тема, и тоа за тема која е блиска на нивната возраст, а притоа може и на српски, ако не им оди странскиот јазик.
Пред некој ден ги прашав која би била работата од нивните сништа, кога парите не би претставувале проблем. Дознав само дека немаат сништа. Трендот продолжува со морничава брзина. Главечки пропаѓаме во бездна, или сме веќе сварени жаби. Има нешто.
Тоа нешто го игнорираме и толерираме. Тука и таму ќе си промрмориме нешто низ нос, ќе се вџашиме од тоа какви генерации ни доаѓаат, не ни е добро по почетните тестови, кукаме што мораме да предаваме градиво од основно училиште дури и кога знаеме дека нашите колеги во основно си ја сработиле работата одлично.
Системот смислил излез – ИОП 1. Ако детето од било кои причини има потешкотии во усвојување на градивото, направи му план по негова мерка, скрати го градивото, снижи го критериумот, остави му повеќе време за сплавови, фолкотеки, турски серии. Немој да го масираш со барања! Не терај го да стекнува знаење. Прави будала од себе и од училиштето дури и кога гледаш дека тоа едноставно не сака да учи. Не е до него, до тебе е. Така вели системот. Ишарај му ја училницата, пеј му песнички, учи го преку игра, дури и ако има 18 години. Забавувај го, биди полн со оптимизам и елан, постојано насмевнувај се на час и строго внимавај да не ги повредиш неговите нежни чувства. Немој ни случајно да кренеш глас! Немој ни случајно да го повредувате со домашни задачи! И да не си се осмелил да му ставиш единица, бидејќи не е до него – до тебе е.
Може и така. Сѐ може. Само не знам кон што води тоа. Не ми се допаѓа резултатот. Последиците се погубни.
Бидејќи јас сум од генерацијата на оние кои имаа соништа и беа навикнати целите да си ги поставуваат високо, а не таму каде што е најлесно, сонувам за тоа да се здружиме: ние, просветните работници, и вие, родителите. Да станеме сложно против ова заглупавување на нашите деца, против пропаѓањето на младоста, против одгледувањето на зомби генерации, кои не ги интересира ништо, кои веќе сега се готови да го „одблејат“ и животот и да го дочекаат крајот во блажена затапеност.
Ни ги зедоа фабриките, ни ги земаат рудниците, дури и изворите со вода. Самите одлучиле дека нашите органи се државни. Со обете раце ги прифаќаме сите тие западни трендови. Човек би помислил дека баш сме модерни. Сега некако ни ги земаат и децата.
Ајде да се освестиме сите заедно.
Ајде барем децата да не ги даваме.
Ајде да им помогнеме на децата.
Се надевам дека не е доцна.“