Нов документарен филм во изработка на брачните другари и филммејкери Дерек и Беверли Џуберт, „Душата на слонот“, открива дека овие џинови сакаат исто колку што сакаат и луѓето, и велат дека кога ќе го изгледате, воопшто нема да се чувствувате посрамено поради пролеаните солзи.

„Кога филмот беше прикажан на филмскиот фестивал Санденс, Роберт Редфорд кажа дека е вистинска романса“, вели Беверли. „Помеѓу нас двајцата, помеѓу слоновите и помеѓу публиката и слоновите.“

sl01

На едно ниво, филмот е потрага по решение за мистеријата за тоа како умреле два слонови мажјаци во мирните води на Селинда Спилвеј, река поврзана со устието Окаванго во Боцвана. Беверли и Дерек биле зачудени кога ги нашле телесните останки на двата слона, при што тие биле мртви веќе подолго време, а сепак нивните големи заби останале недопрени.

Кога ќе се најде слон без заби, тоа посочува дека станува збор за една од 35 000-те жртви годишно на ловокрадците на слонова коска. Но, овие два слона очигледно умреле од друга причина. За да утврдат што точно се случило, брачниот пар решил да весла од едниот до другиот крај на реката. Тешко е да се замисли да има поквалификувани од нив двајца за ваквко патешествие, бидејќи Џубертови ја истражуваат и снимаат Африка веќе три децении.

Но, нивното патешествие имало и друга цел, а тоа е да се најде душата на слонот. „Ако вие ми кажете дека имате душа“, вели Дерек, „би ви кажал, тогаш зошто и слонот да нема душа?“

Дури и најскептичните гледачи би морале да признаат дека слоновите, и покрај нивната големина, се најчувствителните суштества на планетата.

„Треба само да погледнете колку се продуховени и нежни“, вели Беверли. „Тие се агресивни само кога мораат да се спасат себеси или нивните млади. Да се биде во присуство на слон е навистина трогателно.“

sl02

За време на снимањето, Џубертови навистина многу им се приближувале на слоновите. Една од најмоќните снимки е кога се соочиле со напад на слон – дури и седејќи удобно и безбедно на вашата софа, ќе подголтнете. „Соочувањето со таков напад беше хипнотичко, како медитација“, вели Дерек. „Кога сте во таква ситуација, да сте на работ на животот и смртта, тогаш сте најбудни.“ Во некои случаи најдобар начин да се одбие напад од слон било упорно да го гледаат слонот во очи и да не покажат страв. Но, ова е лесно да се каже, вели Дерек. „Самодовербата е единственото оружје кое го имаме.“

Но, она што филмот најубаво го прикажува е неверојатната сочувствителност која слоновите ја имаат едни кон други и кон нивните малечки. Штом ќе се роди младенче, останатите членови на стадото сакаат да го запознаат и се собираат радувајќи се на чудото на новиот живот. А тогаш, кога е време стадото да тргне, го приспособуваат темпото за и новороденчето да може да оди со нив. „Слоновите се полни со сочувствителност и разбирање“, вели Дерек.

sl03

Покрај тоа, кога ќе се соочат со смртта, тие реагираат слично како и луѓето. Една од најпоказателните сцени за ова е кога стадото наишло на останки од слон. Беверли и Дерек стоеле маѓепсани гледајќи ги слоновите како речиси ги оплакуваат коските, покривајќи ги со своите сурли и нежно душкајќи ги обидувајќи се да дознаат нешто.

На крајот на патешествието, Дерек и Беверли имаат јасна претстава што е тоа што можело да ги убие двата слона. Но, на подлабоко ниво, нема сомнеж дека Џубертови го откриле најнедопирливиот дел на слонот – неговата душа.

Сподели на Facebook
пати видено