Додека iPhone 6ѕ на Ејпл се рекламираше дека ќе биде со радикални надворешни промени, некои корисници беа незадовални поради фактот дека мобилниот изгледа речиси исто како iPhone 6. Но, еден од дизајнерите ја откри својата визија за следната верзија. Експертите очекуваат да биде изоставено традиционалното копче „дома“ во полза на „3D Touch“ екранот.

Дизајнерот Марек Вајдлих вели дека неговата визија ќе го поедностави телефонот, претворајќи го во површина целосно опфатена со екран. „Се фокусирав на едноставен дизајнерски јазик што е многу важно за Ејпл“, вели тој. „Дизајнирав закривен дисплеј без рамка, и опремен со софтверско копче `дома`. Задниот дел ќе биде од заоблен алуминум со пластична лента за подобро држење. Овие ленти ќе можат да се менуваат, така што корисниците ќе можат да си ги прилагодат телефоните да бидат по нивен вкус.“

iphone7

Ова се случува кога на големо се тврди дека следниот мобилен телефон ќе биде радикално редизајниран. Џин Манстер од Пајпер Џефри на клиентите им кажа: „Очекуваме iPhone 7 да има уникатен дизајн во споредба со iPhone 6/6S. Како што многумина шпекулираат, додавањето на 3D Touch може да му овозможи на Ејпл да ја елиминира потребата за рамка и за „Home“ копче, со што екранот ќе биде поголем или пак уредот ќе може да биде помал“.

ip02

Овој потег би значел дека Ејпл ќе мора да го стави Touch ID сензорот на друго место на телефонот. Покрај тоа, Ејпл ќе се фокусира на продолжувањето на векот на батеријата. Во изминатите неколку години, тие речиси го дуплираа траењето на батеријата на Макбук лаптопите, од пет на десет часа траење.

„Веруваме дека траењето на батеријата е една од најважните ообласти за можно подобрување и нешто што ќе наиде на добар прием кај муштериите.“

Манстер вели дека тој очекува плоден Божиќ за фирмата, којашто се очекува да ги пушти во продажба своите нови Apple TV и iPad Pro.

Претходно се најавуваше дека iPhone 7 телефоните ќе бидат супер-тенки. Аналитичарот Минг-Чи Куо тврди дека iPhone 7, кој ќе биде пуштен во оптег најрано во септември 2016 година, ќе биде најтенкиот модел на компанијата со своите шест милиметри дебелина. Ова би го изедначило со iPod touch и би бил речиси цел милиметар потенок од сегашниот iPhone 6. Првиот iPhone, пуштен во продажба во 2007 беше со дебелина од 12.3 милиметри. За споредба, сегашниот iPhone 6 е со дебелина од 6.9 милиметри, додека поголемиот iPhone 6 Plus е со дебелина од 7.1 милиметри.

Но, потенките уреди се потенцијално поранливи на оштетувања и на пример iPhone 6 беше критикуван дека се свиткува во џебовите на сопствениците како последица на својот потенок и поголем дизајн.

Ако тврдењата на Куо се испостават како точни, следната генерација на телефони на Ејпл можеби ќе бидат најтенките во рамките на компанијата, но сепак тие ќе бидат значително подебели од најтенкиот телефон во светот – X5 Max на Виво, кој е дебел само 4.75 милиметри.

Сподели на Facebook
пати видено