Јапонските научници развиваат уред за читање на мислите кој може да ги дешифрира зборовите уште пред тие да се изговорат, со што се зголемува можноста за „телепатска“ комуникација. Истражувачите откриле дека електричната активност во мозокот е иста кога зборовите се изговараат и кога тие се мислат, но остануваат неизговорени.
Научниците кои ја развиваат технологијата велат дека можат да идентификуваат мозочни бранови поврзани со слогови и букви од јапонското писмо, што значи дека ќе можат да се декодираат цели зборови и реченици без тие да мораат да се изговорат. За оваа цел истражувачите употребиле мотода наречена „електроенцефалограм“, или ЕЕГ. Оваа технологија ја снима електричната активност во мозокот употребувајќи извесен број на електроди прицврстени на скалпот, со помош на кои се детектираат мозочните бранови.
Тимот се фокусира на делот на мозокот познат како Брокова област, за којашто се смета дека е вклучена во јазичното процесирање и говорот. Јамазаки Тошимаса, кој е водечки автор на студијата и експерт во полето на компјутерски интерфејси при институтот за технологија во Кјушу во јапонската префектура Фукуоока, и неговиот тим побарале од дванаесет испитаници од двата пола и повеќе возрасни групи да рецитираат серија зборови, мерејќи ги мозочните бранови додека тие го прават тоа.
Тие откриле дека секој слог произведува специфична мозочна активност од првичната помисла па сѐ до самото изговарање. Активноста може да се забележи две секунди пред да се изговори зборот. Собирајќи база на податоци од различни звуци, истражувачите откриле дека тие бранови обрасци можат да се поврзат со определени зборови, дури и ако тие не се изговорат.
Според студијата презентирана на конференција организирана од институтот за електроника, информации и комуникација, алгоритмите на тимот можеле точно да препознаат јапонски зборови како „хару“ и „натсу“, коишто значат лето и пролет, со точност од 25 отсто за првиот и 47 отсто за вториот збор, а што се однесува до поединечните букви, точноста изнесува 88 отсто.
Проф. Тошимаса верува дека технологијата би можела да се употреби за на луѓето кои ја изгубиле способноста за говор или коишто останале да парализирани да им се помогне да можат да комуницираат. Исто така, тој смета дека технологијата би можела да се прилагоди за да им се овозможи на луѓето да контролираат роботи со помош на мислите.
Технологијата би можела да се употреби и за други цели, како на пример за комуникацијата при нуркањето или во вселената, кадешто од разбирливи причини, директната комуникација е ограничена.