21-годишната Најдин Манукау од Нов Зеланд се „маскирала“ во трудница, така што неколку месеци по ред постојано носела костим со труднички стомак и организирала забава за „доаѓањето“ на нејзиното бебе. Сето тоа било дел од нејзината измама.

Откако ги убедила пријателите и семејството дека се породила, иако никогаш не била бремена, таа тврдела дека владата ја присилила да се откаже од своето новороденче и да го даде на посвојување и планирала со својот 18-годишен братучед да го украде.

Но бебето всушност било на пар кој што штотуку ја вработил Најдин како дадилка, во богатото предградие на Епсом. На третата ноќ со двојката, која ја вработила преку агенција, Најдин чекала таткото да заспие. Тогаш нејзиниот братучед, Сиднеј, ја отворил портата со далечинско, влегол во домот од задната врата и го земал бебето и торба полна со вредни работи.

На полицијата ѝ биле потребни 6 часа за да го пронајде бебето и да го врати на родителите. На Најдин вчера во Окружниот суд во Окленд и биле пресудени три години затвор за киднапирање, кражба, кривично малтретирање, интимно визуелно снимање и нечесно користење на документ.

Кривичното малтретирање и обвиненијата за интимни визуелни снимања се поврзани со нејзиното поранешно момче.

Адвокатот во нејзина одбрана тврдел дека девојката има психички проблеми поради тоа што пред неколку години сведочела за убиството на нејзиниот братучед. Таа потоа забременила од нејзиното поранешно момче, но абортирала. Агенцијата за дадилки и парот чие бебе било украдено не можат да бидат именувани од правни причини.

Сподели на Facebook
пати видено