Шпаркасе Банка Македонија денеска донираше 1.000.000 денари како финансиска помош за семејствата од поплавените подрачја на Град Скопје и градот Тетово, кои како последица на силното невреме изминатиот викенд претрпеа големи материјални штети и загуби на своите најблиски.
Преку овој хуман гест Банката се вклучи во акцијата што ја организира Црвениот крст на Република Македонија и ја покажа својата хуманост и одговорност како финансиска институција, во момент кога на поголем број граѓани им е потребна помош за обновување на своите живеалишта, како и за набавка на основните ресурси во храна, облека, хигиена и лекови. Покрај финансиската донација, Банката ги вклучи и вработените со свои лични донации на финансиски средства или преку обезбедување на потребните основни средства, за што побрзо и полесно пребродување на ситуацијата кај поплавените семејства.
Дополнително, Шпаркасе Банка ги повикува сите хумани граѓани и институции да ја поддржат оваа донаторска акција преку вршење уплати на специјалната жиро-сметка 250-0000000001-11 и со повикување на број 2924000628 – Уплата за поплавеното население во Скопје и во Тетово.
Шпаркасе Банка Македонија апелира при донирањето хуманитарна помош да се следат инструкциите на надлежните институции и на Црвениот крст на РМ, со цел поефектно справување со последиците од природната катастрофа.