Невообичаениот случај на Мери Тофт се состои од една добро позната медицинска измама од 18. век. Во 1726 година во дворот на кралот стигнала веста дека некоја жена родила зајци. Кралот ги пратил Натаниел Сен Андре и Кирјакус Алерс, хирурзи кои работеле на кралскиот двор, да го истражат случајот. Кирјакус Алерс останал скептичен, но Сен Андре подоцна тврдел дека ѝ помогнал на жената да роди петнаесет зајци.
Мери Тофт била 24-годишна жена од Годалминг, Сари, омажена за шивачот калфа Џошуа Тофт. Тие веќе имале три деца, кога Мери останала бремена со четврто. За разлика од другите три бремености, таа се пожалила на остри болки рано во бременоста. Набргу имала спонтан абортус, исфрлајќи неколку парчиња ткиво. Но, неколку месеци подоцна пак добила породилни маки. Нејзината сосетка и мајка ѝ биле присутни и виделе како таа родила нешто што изгледало како безживотна мачка.
Така нејзината мајка Ан го пријавила случајот на локалниот акушер Џон Хауард, кој ја посетил Мери следниот ден и ѝ помогнал да роди и други животински делови. Според записите на Хауард, во текот на следниот месец таа родила глава на зајак, нозе на мачка и потоа девет мртви зајчиња. Хауард за тоа раскажал на доктори и научници од цела Англија и така веста полека дошла до кралот кој ги пратил своите најдобри хирурзи. Сен Андре и Алерс пристигнале во Годалминг за еден месец и ја започнале нивната истрага. Иако проучувањето на зајците потврдило дека не се развиле во човечка утроба, Сен Андре сепак бил убеден дека случајот е вистински и отишол да му го опише на кралот Џорџ Први и на Принцот од Велс.
Сен Андре бил толку воодушевен од случајот што извел демонстрација во Лондон со цел да покаже дека е возможно жена да роди зајак. Тој дури ја довел и Мери Тофт во Лондон и објавил научна статија „Краток расказ за невообичаеното породување зајци“.
Но, неколку дена по нејзиното пристигнување во Лондон, независни иследници почнале да тврдат дека случајот е измама, по што Мери признала дека таа самата ги ставала животинските делови и новородените зајци во нејзиното тело. По ова, Сен Андре ја загубил работата на кралскиот двор и кралот повеќе не сакал да го види. Подоцна успеал да добие работа како дворски анатомичар. Мери и локалниот лекар Хауард биле изведени пред суд. Хауард бил казнет со парична казна од тогашни 800 фунти, кои соодвествуваат на денешниот износ од 107 000 фунти. Мери била затворена како измамничка. Д-р Хауард се вратил во Сари и продолжил со својата работа до 1755 година, кога починал. Мери била ослободена бидејќи не знаеле што да прават со неа. Во 1727 година родила уште едно дете и повторно се појавила во тогашните весници откако била затворена поради поседување на украдени добра. Умрела во 1763 година.
Случајот бил многу популарен во англиските весници, особено поради тоа што го довел во прашање професионализмот на многу хирурзи кои го изгубиле нивниот статус и работа исто како и Сен Андре.
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.