Додека обиколува по Кина со своето возило, Ву Чинху пушта само тажна музика. Тој е во потрага по грабнати и продадени деца. Пред седум години и неговиот син бил киднапиран, и оттогаш Ву не знае за мир.
„Секогаш внимавајте на своите деца“, вели тој. Ву раздава календари и фотографии со многу деца исчезнати без траг, надевајќи се дека некој ќе препознае некое дете и ќе му се јави. На неговиот микробус се излепени разни огласи за потрага. Во неговиот каталог има над 3000 исчезнати деца, меѓу кои и неговиот син.
„Мојот син се вика Ве Јачен, роден е во ноември 2007 година, киднапиран е на 10 декември 2008 година, околу два часот по полноќ“, ја раскажува тој својата тажна приказна.
Во Кина годишно 20 000 деца стануваат жртви на киднапирања и трговија со луѓе. Момчињата ги продаваат на бездетни селани, а девојчињата ги продаваат за сопруги, бидејќи спроведувањето на политиката „едно дете“ во Кина доведе до недостиг на жени. Во родното село на Ву живеат само 60 семејства. Во и неговата сопруга имаат уште две деца, родени по исчезнувањето на нивниот прв син. Соселаните ги охрабруваат и помагаат на несреќното семејство. И покрај тоа, не поминува ниту еден ден без родителите да мислат на својот првороден син.
„Постојано ми е мака. Тој беше нашето прво дете и ништо не може да ја замени таа емоционална врска, без разлика што веќе имаме други две деца. Неговото раѓање толку многу ги збогати нашите животи“, вели таткото.
Ву веќе монтирал решетки на прозорците и сите соселани го следат неговиот пример, бидејќи киднаперите најчесто влегуваат преку прозорец и ги успиваат родителите со средство за заспивање. Ву се разбудил во текот на ноќта, но детето веќе го немало. Тој заминал да пријави во полиција, која го презела случајот, но набргу ја прекинала потрагата. Полицијата многу ретко успева да разбие некоја мрежа на трговци со деца, но во успешните операции се ослободуваат и до 100 деца наеднаш.
Ву ја продолжува својата потрага сам. Со својата рикша минал над 3000 километри низ целата земја, барајќи го својот син.
„Својот живот го посветив на трагање по изгубени деца. Веќе немам постојани приходи и затоа возам рикша. Децата ги барам сосем сам, бидејќи во Кина собирањето на група од над седум луѓе се смета за нарушување на јавниот ред и мир.“
За време на своето патување Ву сретнал многу родители со истата судбина. Се сврзуваат преку интернет. Еден човек дури му подарил и автомобил. Преку нивните акции во помали, но и поголеми градови, Ву и неговите сомисленици успеале да пронајдат неколку исчезнати деца. Родителите сметаат дека казните за трговците и купувачите на деца се преблаги. Родителите кои долго ги бараат своите деца се чувствуваат запоставени од државата. Тие не добиваат никаква поддршка од владата, токму напротив. Родителите кои си ги бараат исчезнатите деца се водат како нарушители на редот.
„Мојот син исчезна пред 28 години. Не престанав да го барам. Сега веќе имам 58 години и се надевам дека ќе го видам барем уште еден пат. Толку ми е доволно“, расплакано раскажува една од мајките на исчезнатите деца.
„Веќе немам некоја голема надеж дека ќе го најдам својот син. Но, барем како резултат на нашите заложби да има што е можно помалку вакви случаи и трагедии. Можеби нашата иницијатива ќе ги натера родителите повеќе да внимаваат на своите деца“, раскажува Ву.