Најчесто луѓето кои се повисоки позиции кога се случува трагедија најпрвин сакаат да се спасат самите себе. Ретки се оние кои би ја ризикувале кариерата и животот за да им помогнат на другите. Една таква личност бил Чиуне Сугихара, јапонски дипломат во јапонскиот конзулат во Каунас, Литванија, за време на Втората светска војна. Веднаш по Шиндлер, Чиуне спасил најголем број луѓе за време на војната. Ова е неговата приказна.
Во 1939 година, Сугихара кој претходно служел како дипломат и имал добро познавање на рускиот јазик и на советската политика, добил позиција на заменик-конзул на јапонскиот конзулат во Каунас. Во ова време, на работ на Втората светска војна, примарна задача му била да добие информации за распоредувањето на советските и германските војници на границите. Тој требал да утврди дали Германија ќе го нападне Советскиот Сојуз.
Наскоро, во 1940 година, Советскиот Сојуз влегол на територијата на Литванија и ја окупирале. Ова им ги отворило вратите на многу еврејски бегалци од окупираната нацистичка Полска да бараат засолниште во Литванија. Во исто време, литванските Евреи очајно барале визи за излез, но никој не сакал да им даде. Ситуацијата била напната, а Каунас станал преполн со бегалци.
Проблемот стигнал и до Сугихара, еден ден голема група на евреи пристигнала пред портите на конзулатот и го молеле да им издаде јапонски транзитни визи. Тој им одговорил дека не може да направи ништо додека не се консултира со надлежните. Тој трипати ги молел надлежните да ги одобрат визите но тие одбиле. Сугихара не можел да живее со фактот дека сите тие луѓе ќе бидат убиени кога ќе пристигнат нацистите и затоа на крајот на август почнал рачно да пишува визи.
Сугихара пишувал визи рачно секој ден, некогаш и по 20 часа на ден. Тој исто така ги исконтактирал властите од Советскиот сојуз да им дозволат на луѓето со јапонски визи да ги користат нивните возови. Властите тоа го дозволиле но билетите биле 5 пати поскапи од вообичаеното. Но, неговиот конзулат се затворил на 4-ти септември и Сугихара морал да замине. Тој продолжил да ги пишува визите додека се возел кон железничката станица, а потоа продолжил да ги пишува и на железничката станица, тој им се извинил на евреите кои го испратиле затоа што не можел да им помогне веќе, но тој им оставил и празни формулари за виза заедно со примерок од негов потпис и печат за да можат самите да си направат.
Од 1942 до 1944 тој бил конзул во Прага, а потоа тој и неговото семејство биле уапсени и затворени 18 месеци. Кога се вратил во неговата држава тој бил отпуштен од работа под изговор на „недостаток на средства“, но сите знаеле дека се работи за инцидентот во Литванија. Чиуне тогаш прифаќал секаква работа за да може да ги издржува неговите три деца.
Но, доброто со добро се враќа, затоа што еден од луѓето кои Чиуне ги спасил, Џошуа Нишри, станал аташе во Јапонија и успеал да го најде Чиуне, да го однесе во Израел каде што бил пречекан со највисоки државни почести. Во 1985 година, со помош на оние спасени од неговата голема хуманитарна работа, Чиуне ја добил титулата „Праведен меѓу нациите“. Тој станал единствен јапонски државјанин што некогаш ја добил оваа чест.
Кога го прашале зошто им помагал на бегалците, тој одговорил дека тие се човечки суштества на кои очајно им требала помош и дека е обврска на секој човек да им помогне на оние кои имаат потреба од помош. Тој починал една година откако ја примил титулата.