Што и да посакаш, го можеш тоа. Дури и да не успееш во тоа што си го наумил, ќе успееш во нешто друго. Тоа е моето мото – тврди 27-годишната Ивана Хабазин, најдобрата хрватска професионална боксерка на сите времиња која во март 2014 година се закити со титулата светски првак на Меѓународната боксерска федерација (IBF). Во моментот најголем предизвик ѝ е да ја победи Норвежанката Сесилија Браекхус, апсолутен светски првак во бокс, женска категорија.

– Верувам дека оваа година ќе се сретнеме во рингот. Во последно време двапати спарингував со неа и не ми се виде дека е подобра од мене – истакнува Ивана, која во категоријата велтер е меѓу неколкуте најдобри боксерки во светот. Во Хрватска, додава таа, само неколку девојки се занимаваат со професионален бокс. Во аматерскиот бокс ги има малку повеќе. И на едните и на другите заедничко им е тоа што за натпревар се подготвуваат во многу скромни услови.

Спонзори

– Во професионалниот бокс е многу важно да има спонзори. На мене тоа ми е семејството Ратковиќ кое има фабрика за паркети – вели Ивана. Нејзиниот меч со кој таа стана светски првак го пренесуваа 25 светски телевизии и сите се чуделе зошто нема ниту еден хрватски новинар.

– Сите беа во шок кога им кажав дека не заработувам од боксот и дека студирањето ми е на прв план – истакнува Ивана, за која на 1 март ќе биде прикажан и документарен филм во режија на Дамир Терешак. Снимањето траело неколку години, а главната порака на филмот „Девојка од нула долари“ е како со упорна работа може од ништо, без ничија помош, да се направи многу, но сепак до извесна граница, бидејќи и поддршката на опкружувањето и целото општество е многу важна.

– Боксот е многу опасен спорт. Ми се јавуваат девојки од 13 или 14 години кои ги боксуваат своите први натпревари. Ми бараат совети, а јас им велам да се откажат. Овој спорт е опасен за здравјето. Затоа е најважно да се има добар тренер. На мене мојот тренер Владо Божиќ секогаш ми вели дека здравјето мора да биде на прво место – истакнува младата спортистка. Пред две години завршила филозофско-теолошки студии на Католичкиот богословски факултет, по што се запишала на специјалистички студии на загребската Висока школа за дипломатија и меѓународни односи „Dag Hammarskjöld“.

– Испитите никогаш не сум ги доживувала како некој притисок, туку ги подготвувам од задоволство. Никогаш не барав посебен третман на факултет поради спортот. Мојот избор е да студирам и да се занимавам со спорт – вели Ивана, која не сака излегување навечер. Кога ќе најде малку слободно време, подраго ѝ да појде на кино или театар, или пак да биде со нејзините кучиња.

Манастир

Интересна епизода од нејзиниот живот е што четири години минала во манастирот на Милосрдните сестри во Франкопанската улица во Загреб, а потоа завршила женска општа гимназија, но сфатила дека тоа сепак не е за неа.

Сподели на Facebook
пати видено