Откако неодамна беше објавено дека Рамзан Кадиров, лидерот на Чеченија, ја воведува т.н. свадбена полиција, медиумите ги заинтересира како навистина изгледа една чеченска свадба. Чеченските свадби отсекогаш биле сметани за големи спектакли. Тие траат три дена, а сите ритуали и обичаи се изведуваат во име на среќниот почеток на новиот живот. Но, сепак традицијата е таа која ги диктира обичаите, а еден од основните обичаи е тоа што невестата не смее да се приклучи кон славењето, туку потајно да гледа од страна, со тоа искажувајќи почит кон новото семејство. Нејзините роднини исто така не присуствува на церемонијата, па така невестата е буквално сама во текот на целата церемонија.

sv01

Непосредно пред свадбата се врши подготовка на невестата во која учествуваат повеќе жени. Со оглед на тоа што свадбата главно ја плаќа семејството на младоженецот, семејството на невестата не присуствува на самиот свадбен чин, што се смета како почит кон новите роднини. Откако ќе се подготви, невестата чека да дојдат по неа. Бидејќи секоја разделба е тешка, така ретко која невеста родителскиот дом го напушта без солзи. По неа доаѓаат родителите на младоженецот и ја одведуваат на церемонијата.

Кога ќе дојде на местото на прославата, таа добива посебно место каде што стои во текот на целата церемонија, но не смее ниту да игра, ниту да пее. Во текот на овој дел на церемонијата мажите и жените не смеат да се мешаат. Во текот на првиот ден таа се запознава со своите нови роднини и може да седне само ако добие дозвола за тоа.

Од друга страна, чеченската традиција наложува младоженецот да не присуствува на самата прослава, туку со невестата се среќава по прославата, далеку од погледите на роднините. По првата средба со младоженецот, таа добива почесно место на масата. Тогаш и донесуваат нечие бебе на кое невестата треба да му даде подарок за и таа да има доста деца, по можност синови. Според обичајот, гостите им донесуваат разни подароци на младенците. Жените главно добиваат апарати за домаќинството и сѐ што ѝ е потребно на една вистинска домаќинка. Мажите на подарок добиваат или пари или овца.

Дури по дарувањето сите се повикани на раскошна гозба. По завршувањето на гозбата, гостите од невестата бараат да им донесе вода. Потоа сите имаат право да коментираат за неа и нејзиниот изглед. Што и да биде кажано, невестата и понатаму не смее да проговори бидејќи зборливоста во Чеченија се смета за знак на глупавост и нескромност. Единствено што смее да каже е кога ќе им донесе чаша вода на гостите, да им посака добро здравје.

sv02

На третиот ден на свадбата гостите низ танци и музика ја водат невестата на река. Тогаш во водата се фрлаат палачинки од пченкарно брашно, коишто треба да ги погодат со пушка пред да паднат во водата. По овој дел на церемонијата, невестата ќе наполни малку вода од реката и си оди дома. Дури третата вечер човек кој ќе биде ополномоштен од таткото на невестата оди заедно со младоженецот кај матичар при што се склопува брак.

Инаку, во Чеченија момчињата мораат да се оженат до својата дваесетта година, додека девојките не би требало да бидат постари од 17 или 18 години.

Свадбената полиција на Рамзан Кадиров

Одлуката за „свадбена полиција“, со која би се регулирало запазувањето на чеченската свадбена традиција, е чудна дури и кога станува збор за самиот Рамзан Кадиров, лидерот на Чеченија, особено со оглед на неговата бурна историја на свадбите. Кога оваа година го женел својот внук, свадбената поворка била полна со луксузни германски лимузини, што тешко се вклопува во чеченската традиција. И денес се раскажува една свадба од пред неколку години, во која Кадиров упаднал со својата свита. Наводно, тој во текот на целата свадба играл и потскокнувал при што му се гледал позлатениот автоматски пиштол. Целото ова шоу го зачинил со фрлање на банкноти од по сто долари врз танчерките. На крајот на младенците за подарок им дал пет килограми чисто злато.

Сподели на Facebook
пати видено