Бремена мајка се трогнала до солзи кога орангутан нежно го бакнал нејзиниот стомак преку стаклената преграда на неговиот кафез во зоолошката градина. Морган Кол Абот од Ипсвич, Англија, била во посета на зоолошката градина Колчестер во Есекс, кога приматот Раџанг се наведнал да го бакне нејзиното стомаче. 48-годишниот примат бил снимен како се обидува да го погали нејзиното стомаче преку стаклото, при што се чинело дека се насмевнува на идната мајка.
27-годишната жена, која веќе има едногодишен син, била снимена од нејзиниот партнер Лиам и вели дека тоа било неверојатен момент. Според нејзиното кажување, орангутанот веднаш забележал дека е бремена.
„Беше неверојатно тоа што тој навистина се сосредоточи на мојот стомак и постојано ме гледаше в очи и потоа посочуваше кон стомакот. Не можев да поверувам кога се наведна да го бакне. Беше неверојатно и тоа навистина ја покажа неговата интелигенција, бидејќи веднаш препозна дека сум бремена и ме издвои од другите.“
Сопружниците, кои ја очекуваат нивната прва ќерка во март, се надеваат дека ќе соберат средства за Фондацијата за орангутани која се бори за заштита на животните во нивната животна средина.
„Навистина се надевам дека луѓето ќе донираат, бидејќи и една фунта ќе биде извонредна сума за таква добра кауза“, вели г-ѓа Кол Абот.
Семејството повторно ќе ја посети зоолошката градина овој месец и се надеваат дека пак ќе го видат Раџанг.