Еден од најубавите напуштени градови во САД сега е заштитен државен историски парк. Боди се наоѓа источно од планинскиот венец Сиера ННевада во областа Моно, Калифорнија. Боди бил основан од В. С. Боди, и на почетокот тоа било рударска населба, откако во 1859 било најдено злато во близина на местото кое сега се нарекува Боди Блаф. Боди загинал во снежо невреме и никогаш не го видел развивањето на градот кој бил наречен по него.
Растежот на Боди бил бавен во првите седумнаесет години и го населувале само дваесеттина рудари, сѐ додека не била откриена богата жица на златна руда. Новото откритие го трансформирало Боди од изолирана рударска населба во буен град на Дивиот Запад, и набргу во него се доселиле рудари со нивните семјества, коцкари, бизнисмени, како и разбојници, револвераши и проститутки – сите во потрага по богатство. До 1879 година Боди имал население од приближно 10 000 жители и околу 2 000 градби меѓу кои банки, пожарни, цркви, железница, неколку новински куќи и пивари. Се известува дека во извесен период имало 65 салуни наредени на главната улица на градот, која што била долга 1,5 километар.
На крајот, Боди станал озлогласен по насилството и беззаконието. Убиствата, престрелките и тепачките биле честа појава, а борделите, коцкарниците и опиумските јазбини биле популарни помеѓу жителите на градот. Златните години на Боди не траеле долго. До 1882 година веќе започнал да опаѓа како што неколку помали рударски компании почнале да банкротираат, а во исто време новите градови во Монтана, Аризона и Јута почнале да ги привлекуваат работниците од Боди. До 1910 таму живееле помалку од 1000 луѓе. Пожар од 1932 година збришал 90 отсто од зградите во градот и луѓето спакувале што можеле и си заминале. И покрај празнењето на градот, некои од рудниците продолжиле да работат сѐ до 1942 година.
Денес Боди е еден од најавтентичните и најдобро зачуваните градови од времето на американскиот Див Запад. Повеќето од градбите кои го преживеале пожарот сѐ уште стојат недопрени и изгледаат речиси исто како во периодото кога последните негови жители го напуштиле. Во 1962 година Боди бил прогласен за државен историски парк.