Како најава за единаесетото издание а и како заокружување на една деценија постоење и дејствување на алтернативната, културно-уметничка сцена, Бош фестивалот лансираше музичка компилација најавена како БОШ Компилација.
Компилацијата се состои од бендови кои настапувале во периодот на десетгодинишното постоење на БОШ, а е составена од десет интернационални нумери.
При преслушување на компилацијата може да се увиди една уредна и квалитетно скоцкана музичка целина која започнува со панк составот Bolesna Stenad од Белград, па преку noise-rock составот Susijat од Македонија, да премине на нумерите од грчките бендови Sugar Factory од Килкис (ambiental/ cinematic, instrumental) и Mechanimal (Post-punk, Darkwave, Industrial) од Атина – бенд формиран во 2011 од страна на музичкиот продуцент Giannis Papaioannou. Потоа следува нумерата Molecular на проектот Mammoth & Yashem, проект кој стои под капата на издавачката куќа Sharla од Скопје, бендот од Софија Doesn’t Frogs (noisy, dark and euphoric) со нумерата Afterlife, Yva & The Toy George – италијански состав формиран од страна на девојка со потекло од Белград, нашиот Тодор Караколев со електро нумерата – Викенд, преку куановското рап дуо Подземан Ефект да стигнеме до noise – rock бендот од Панчево Klopka za Pionira.
Авторот на компилацијата Марија Стојанова, која е воедно директор на БОШ фестивалот, вели дека и било предизвик да состави една таква компилација, која сега за сега се врти само на bandcamp, а се надева дека во иднина ќе и се исполни желбата и да се врти на винил.
„Пресреќна сум дека компилацијава излезе подобро него што очекував. На почеток кога дојдов до идејата можеби бев малку скептична, меѓутоа си реков НЕ, ќе ја направам и ќе биде добра! Воедно сите артисти на компилацијата се пријатели на БОШ и сите без проблем влегоа во прокетот. Некои од нив свиреа и во годините кога БОШ беше правен без ниту еден денар, затоа сум им бескрајно благодарна. Има БОШ фестивал материјал за уште вакви компилации… J“
Инаку БОШ фестивалот непречено опстана на сценава цели 10 години, сега БОШ екипата е сконцентрирана на единаесетото издание. Веќе се најавени неколку артисти, како што се Фолтин, Трап да фак ап, изложба и перформанс на уметникот Пакито Болино од Франција, претставата Црнила ремикс. Што преостанува од програмата останува да видиме со најавите на екипата.
Линк кај што може да ја преслушате БОШ компилацијата