Добронамерната баба од Америка, Рут Рид, си ветила сама на себе дека еднаш во неделата ќе им помага на купувачите во локалниот супермаркет Wawa, доколку забележи дека некој од нив нема доволно средства. Додека чекала во ред за да наплати, човекот пред неа почнал да се пребарува по џебовите, бидејќи не можел да најде ситни пари.
Рут се сожалила на човекот и помислила дека станува збор за сиромашна личност и таа доплатила за него, објаснувајќи му дека не ѝ е проблем и дека си ветила дека ќе го прави тоа барем еднаш во неделата. Сепак човекот ѝ изгледал познат од некаде на Рут, но таа не можела да се сети од каде.
Човекот ѝ се заблагодарил на Рут и рекол дека неговото име е Кит. Тогаш таа му рекла: „Ми личиш на Кит Урбан.“ А за нејзино изненадување тоа навистина бил светски познатиот кантри музичар Кит Урбан. Тој вечерта имал концерт во Њу Џерси и на поминување застанал да купи нешто во продавницата.
Урбан кој „тежи“ над 75 милиони долари и е во брак со познатата холивудска актерка Никол Кидман е далеку од сиромашен човек, но во тој момент заборавил да земе доволно пари за да плати на касата.
Таа го прашала каде е неговата сопруга Никол Кидман, а тој ја запознал со жената која што била со него и ја претставил како негова сестра. Рут сѐ уште не можела да поверува дека разговара со ѕвездата, па тој го викнал неговиот телохранител за да ѝ потврди.
Таа вели: „Тогаш сфатив колку голем идиот сум“. Кит потоа се фотографирал со Рут на паркингот, а Рут ја објавила фотографијата и побрзала да се „пофали“ на своите пријатели за нејзината средба со музичката ѕвезда.