Топлотниот бран кој се случува во Индија, кој постави нов рекорд во највисоката измерена температура во земјата на сите времиња, почна да го топи асфалтот на улиците во некои од најпрометните индиски градови. Жителите во градот Валсат, Гуџарат, морале да се борат со ова додека ги минувале улиците. Имено, видео снимка на НДТВ прикажува луѓе на кои обувките им се лепат на растопениот асфалт. Се гледаат и оставени сандали на лепливите улици, како и жена која паѓа обидувајќи се да пренесе тешка торба преку улицата.
Температурите во делови на западна Индија во петок надминаа 50 степени целзиусови. Рекордната температура, 51°С, била измерена во градот Фалоди, во западната држава Раџастан. Претходниот рекорд бил 50,6°С, измерен во 1956 во градот Алвар, исто така во Раџастан. Индиските метеоролози предупредуваат за почести топлотни бранови и изгор температури кои можат да го зголемат бројот на случаи на дехидрација и топлотен удар, како и да предизвикаат прекини на електрична енергија.
Во многу делови на западните држави Раџастан, Махараштра и Гуџарат пресушуваат реките, езерата и браните. Жештините кои ја погодија индија донесоа голема суша и проблеми со водоснабдувањето, кои погодуваат околу 330 милиони луѓе.
„Се молиме на боговите за порани монсуни, за на луѓето да им олесни малку, бидејќи жештината се одразува на нашите тела“, вели Нираџ Кумар, жител на индустрискиот град Канпур. „Дури не можеме соодветно да си ги вршиме и секојдневните обврски“.
Мај и јуни вообичаено се најжешките месеци во Индија, при што температурите редовно надминуваат 40°С, пред монсунските дождови, но до сега не се помнат вакви жештини.
„Во ова време на годината вообичаено има грмотевици, но сѐ уште не заврна“, вели директорот на националниот центар за метеорологија. „Од Авганистан и Пакистан дуваат топли ветрови, што доведува до овие екстремни температури“. Бројот на топлотни бранови се дуплирал во споредба со претходното десетлетие, велат метеоролозите.
Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!