Активисти за права на животните спасиле повеќе од 1000 изгладнети мачки на нивниот пат кон кланиците во југот на Кина. Камионот кој ги носел исплашените и изгладнети мачки бил запрен во областа Џиашан, во источната кинеска провинција Жеџианг. Според членовите на здружението за заштита на малите животни Сужу, кои го запреле возилото, мачките биле носени во кланица за потоа да се продава нивното месо.
Откако биле информирани од локален жител, членовите на здружението поитале да го најдат камионот кој бил полн со околу 50 кафези. Во секој од кафезите имало по дваесет мачки. Условите во кои биле пренесувани причиниле поголем број од животните да бидат повредени.
Еден од водечките членови на здружението изјавил за Дејли Мејл дека речиси половина од спасените мачки умреле набргу по спасувањето. За жал, многу од нив биле премлади за да бидат одвоени од нивните мајки. Тој исто така додал дека секоја трета мачка носела ремен околу вратот, јасен знак дека многу од нив биле грабнати или загубени миленичиња.
Возачот на камионот инсистирал дека сите животни биле напуштени од нивните претходни сопственици и продадени на дилерите. Организацијата ја отфрла оваа можност и обвинува дека повеќе од веројатно овие мачки биле упатени во кланица за потоа да бидат продавани како месо во рестораните.
Додека за западните земји се чини непоимливо да се јадат мачки, во Кина кучињата и мачките често се наоѓаат на менито, па дури се сметаат и како специјалитет и луксузно јадење за побогатите.