Во 2012г. имав дваесет и пет години и бев оженет со жената од моите сништа, имав одлична работа, убава куќа и се чинеше дека имав сѐ. Но длабоко во мене имаше празнина која наеднаш си ја покажа главата и се најдов во ординацијата на еден доктор кадешто ми беше дијагностицирана депресија. Животот ги загуби своите бои и светлина. Ништо повеќе не ми се допаѓаше. Се наоѓав во едно темно, страшно место, а дури не знаев ни зошто така.
Ни претстоеше патување во Европа кое го бевме планирале, и иако бевме многу блиску до тоа да го откажеме поради мојата здравствена состојба, успеав да се приберам себеси доволно колку да успеам да излезам од дома. Како и при сите патувања, со нас носевме фотоапарат, овојпат тоа беше новата дигитална камера којашто жена ми ја сакаше. Наскоро открив дека навистина ми се допаѓаше да правам композиции и да се обидувам да бидам креативен со фотографиите. На нештата гледав малку поинаку.
Штом се вративме дома, даунлодирав инстаграм и фотографијата уште еднаш влезе во мојот ум. Ја извадив камерата од шкафот и почнав да го сликам моето куче и секојдневните нешта низ куќата. На крајот успеав да излезам надвор на плажата за да го гледам изгрејсонцето. Оттогаш мојот живот веќе не беше ист како порано.
Би лажел кога би кажал дека мојата депресија си замина преку ноќ, но во следните неколку месеци, колку повеќе сликав, толку повеќе почнував да гледам љубов и убавина во светот. Депресијата го беше лишила мојот живот од неговата боја, но гледањето преку леќата на камерата почна полека да ја враќа сета боја. Местата и предметите крај кои порано само ќе поминев не забележувајќи ги сега се истакнуваа во моите очи. Ме повикуваа и откриваа нешто достојно за восхит.