Колку би потрошиле за тоалетна школка? За супербогатите во Кина се чини дека одговорот е 1 милион евра. На прв поглед ова е обична тоалетна школка, која служи за истата намена за која служи секоја, но тука е важен луксузот.
Раскошната златна тоалетна школка има даска отпорна на куршуми, изработена од над 40.000 дијаманти. Таа е изложена на трговскиот саем во Шангај и чини 1 милион евра, според производителот од Хонг Конг.
Позлатениот престол е произведен од Коронет, бренд сопственост на фирмата за накит во Хонг Конг Арон Шум. Скапоцените камења од компанијата им се омилени од кинеските познати личности и инфлуенсерите. Даската е изработена од непробојно стакло, а во него се вградени 40.815 дијаманти, кои вкупно тежат 334,68 карати.
Арон Шум, основачот на марката, одби да открие дали неговиот производ привлекува потенцијални купувачи. Но, тој вели дека и не би сакал да ја продаде. „Ние би сакале да изградиме музеј на дијамантски уметности за да можат да уживаат повеќе луѓе“, вели тој.
Производителот исто така сака да влезе во Гинисовата книга на рекорди како тоалет со најмногу дијаманти. Бизнисменот претходно изработил гитара покриена со 400 карати дијаманти која е вредна 2 милиони американски долари, како и пар чевли со високи потпетици, вградени со 10.000 розови дијаманти и во вредност од 4,28 милиони долари. И двете парчиња се изложени во Шангај.