Македонија изобилува со голем број природни богатства за кои поголем дел од нас не се ни свесни. Освен тоа дел од овие природни богатства се опкружени со мистериозни легенди и приказни, кои ги поврзуваат со духовното и чудотворното.

Многу луѓе тврдат дека животите им биле спасени токлму благодарение на ваквите места. Едно од нив е и и Света вода во селото Тработивиште, Делчево.

Месноста Света вода е оддалечена 15-тина км јужно од Делчево, во атарот на селото Тработивиште. Самите извори се високо од десната страна на реката Брегалница. Тука од дамнешни времиња постојат три извори кои никогаш не пресушуваат. Сега изворите се адаптирани во чешми за кои локалните жители и луѓето во околните региони веруваат дека имаат лековита моќ. Токму поради тоа местото го добило името Света вода.

За изворите постои и една интересна легенда која ги поврзува со браќата Кирил и Методиј. Се верува дека тие таму ја креирале Глаголицата. Според некои писмени сведоштва во средината на IX век, овде постоела ќелија во која Кирил и Методиј живееле аскетски живот и преведувале грчки црковни книги на словенски јазик. Но, легендата почнува да се граничи со реланоста кога пред неколку години при копање на темели  откриени се остатоци од стара градба за која се претпоставува дека е аскетската ќелија на Кирил и Методиј.

Обвиткани од убавината на природата за чешмите кои се оддалечени на 10 метри една од друга се верува дека лекуваат разни болести и заболувања, како на пример нервни растројства, уроци, зацелувања на рани, за децата кои мократ во сон, немирно спиење, главоболка, го бистрат умот и го јакнат телото. Се верува дека трите извори го носат името на трите светителки, Света Богородица, Света Недела и Света Петка.

Според легендите за да ви помогнат лековитите извори треба подеднакво да пиете и да се миете од сите три извори. Додека оние кои земаат од лековитата вода дома не треба да ја внесуваат во домот туку треба да ја стават надвор, најдобро помеѓу цвеќињата, а болната личност треба да се мие без да го поместува садот.

На еден од изворите стои една табла со многу интересна приказна, од жена по име Милка Илиева, која на овој начин решила да ја раскаже приказната за чудотворните извори. Ова е приказната на Милка:

„Јас како дете до седумгодишна возраст немав никакви здравствени проблеми. Еден ден додека мојата стринка Рилка ми ја миеше главата наеднаш ми се слоши, и реков „лошо ми е“ и толку се сеќавам. Сум западнала во тридневна кома од која немало никаков излез. Мојот сакан дедо Пандурски Станомир, кој е чичко на мојата мајка, предложил да ми фатат побратим кој ќе ми донесе вода од ова свето место во Пијанец, познато како „Света вода“. Побратим ми беше Капевски Славе од истото село, кој истиот момент прифатил да ми донесе света вода. Тој заминал пеш, а сите други останале околу мене за да го чекаат. Кога луѓето го виделе дека се враќа, почнале да зборуваат, а јас иако бев во кома, слушнав глас „побратимот иде“. Кога стигнал во дворот, јас повторно слушнав глас „побратимот е во дворот, изведете ја да се замие кај амбарот, каде не се гази“. Мајка ми и стрина ми, ме фатиле под мишки и влечејки ми ги нозете, по земја, сета модра и без знаци на живот, ме изнеле во дворот пред побратимот. Побратимот ме измил по челото и по лицето, а јас веднаш ги отворив очите и видов дека дворот и куќата се преполни со луѓе кои гледаа и чекаа да видат што ќе се случи. До вечерта ми дадоа да јадам, а утрото јас станав на нозе, сосема здрава. Од тогаш јас имам голема желба да го посетам ова свето место и сега на 68 години, дојдов со голема благодарност и задоволство. Јас од настанот на седумгодишна возраст, па се до ден денешен, не сум боледувала од никаква болест, ниту сум била на лекарски преглед, иако сум медицинско лице. Премногу ти благодарам тебе Света Богородице и на тебе Света Водичко, што ме оставивте да го продолжам животот, така лесен и убав до ден денес. Уште еднаш Ти Благодарам Света Богородице“

За жал не многу луѓе се свесни дека оваа место постои, но локалните жители постојано се трудат да го направат што е можно подостапно. Мештаните велат дека секоја година се собираат на изворите на празникот Источен петок Балаклија.

 

Извор: delcevo365.mk

Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.

Сподели на Facebook
пати видено