Покрај малите убави молитвеници и бројаниците од мониста, луѓето од минатото нивната љубов кон религијата ја изразувале и со интересни предмети наречени молитвени ореви. Овие артефакти всушност не се направени од вистински ореви, туку од дрво, но се доволно мали за да изгледаат како ореви.
Молитвените ореви се произведувале претежно во северна Европа за време на шеснаесеттиот век. Поради неверојатната вештина која била потребна за изработка на вакво нешто, само побогатите можеле да си ги дозволат, така што покрај симбол за верата на личноста која ги поседувала, тие исто така претставувале и статусен симбол.
Надворешноста била чудесно изрезбана со интригантни сцени и текст, а двете половини се сврзувале со изрезбани дрвени шарки. Молитвените ореви вообичаено се прикачувале на ременот или на бројаница.
Кога ќе се отвори оревот, првото нешто што ќе го видите се плочки изрезбани со најразлични религиозни сцени, кои биле посветени на некој светец, религиозен настан или специфичен вид на молитва. На оваа на сликата погоре е прикажана сцената Благовештение, а околу неа се изрезбани делови од молитва.
Но и тоа не е сѐ. Внатрешните плочки исто така се отвараат со помошта на мали дрвени шарки, и откриваат уште минијатурни резби. Поради тркалезниот облик на молитвените ореви, овие сцени биле спектакуларно детализирани, со редови живолики мали фигури. Замислете си какво трпение и умешност се потребни за да се создаде нешто вакво!
Покрај тоа, молитвените ореви често биле намирисани со разновидни парфеми, така што сцените претставувале уште поголемо сетилно искуство за нивните сопственици.