76-годишниот Клифорд Вилијамс и неговиот внук 61-годишниот Хјуберт Маерс добиле ослободителна пресуда по 42 години поминати зад решетките. Нивната неправедна приказна започнала во 1976 година, кога двајцата биле обвинети за убиство на Џанет Вилијамс и обид за убиство на нејзината девојка Нина Маршал.
Полицијата во Флорида започна нов проект каде што се разгледуваат „сомнителни“ случаи и ова се првите луѓе на кои што правдата им била доделена, иако поминале многу години.
Околностите под кои биле уапсени Клифорд, кој тогаш имал 34 години и Хјуберт кој тогаш имал само 18 години, биле прилично сомнителни. На местото на злосторството немало траги од двајцата мажи, а тие тврделе дека во тој период биле на забава. Иако имале сведоци и алиби, сведочењето на девојката на Џанет, Нина ги фрлило зад решетки.
Таа тврдела дека двајцата мажи застанале над креветот во кој спиееле таа и Џанет и испукале неколку куршуми, наводно затоа што им должеле 50 долари за дрога. Џанет починала на лице место, а повредената Нина успеала да излезе надвор и да стопира автомобил кој ја однел во болница.
Новата истрага покажала дека всушност не било пукано од спалната соба, туку однадвор од прозорецот, што значи дека Нина најверојатно воопшто и не видела кои биле напаѓачите.
Клифорд и неговиот вкук откако излегле од судницата ја бакнувале земјата и му се заблагодарувале на Господ. Тие велат дека планираат преостанатото време да го поминат со своето семејство, иако се свесни дека нема да можат да ги надокнадат изминатите 42 години.