Неколку мажи работеле на браната Синди во Естонија, кога одеднаш забележале куче што се заглавило во замрзнатата река. Работниците успеале да го спасат кучето од реката, го стоплиле во нивниот автомобил и го однеле на ветеринар.
Тоа што подоцна го дознале за кучето било нешто што ја претворило едноставната приказна за спасување на куче, во едно ново необично животно искуство.
Кога љубезните работници Рандо Картеп, Робин Силамеј и Ерки Вали забележале куче кое што се борело со ладна вода, не размислувале двапати и побрзале да му помогнат. Мажите го расчистиле мразот, така што животното можело да исплива и да стигне до копното, а потоа го однеле во нивниот автомобил за да го стоплат.
Кучето изгледало послушно, а мажите одлучиле даго однесат во клиника за животни за понатамошна медицинска нега. „Тој беше мирен, ми спиеше на нозете. Кога сакав да се истегнам, тој за момент ја крена главата“, вели Рандо Картеп.
Ветеринарите во клиниката заклучиле дека кучето има хипотермија. Дури и вработените во болницата за животни не сфатиле со кого си имаат работа сѐ додека еден локален ловец не им кажал. Работниците всушност спасиле волк. Откако ветеринарите сфатиле дека си имаат работа со волк решиле да го стават животното во кафез.
„Отпрвин тој беше толку истоштен што не се спротивставуваше. Едноставно го чувавме во соба. Но откако почна да му станува јасна ситуацијата, почувствував дека работите можат брзо да се свртат кон опасност. И затоа го префрливме во кафез.“, изјавил Тарво Марксон, шеф на клиниката.
За среќа, волкот се опоравил од хипотермија и стрес во текот на еден ден. Естонската унија за заштита на животните (ЕУПА) платила за лекувањетона животното и ја споделиле оваа неверојатна приказна за спасување. Волкот на крајот бил опремен со GPS и бил пуштен назад во дивината.