Во архипелагот Нова Земја има околу 3.000 жители кои испратија повик до руските власти. Овој далечен Арктички регион бил под опсада на гладните поларни мечки кои се спуштиле во населената област.
Воспоставена е вонредна состојба, со тоа што луѓето „се плашат да излезат надвор“ и „секојдневниот живот во криза“, според заменик-шефот на локалната администрација, Александар Минаев.
Ова особено се однесува на децата, бидејќи училиштата и градинките се празни веќе една недела. Дури и тоа не може да обезбеди сигурност. Голем број на луѓе пријавиле дека мечките лутаат и низ станбените блокови.
„Луѓето се исплашени и се плашат да ги напуштат своите домови, родителите не сакаат да ги праќаат децата на училиште, се воспостави вонредна состојба и се објавува на ниво на целиот регион, постојат записи што покажуваат дека поларните мечки се обидуваат да јадат ѓубре од контејнерите, а обидите да се заплашат мечките со куччиња и со свирење од колите се неуспешни.“, изјавил Александар Минаев.
Русија ги прогласи поларните мечки за загрозен вид, па затоа е забрането со закон да се убиваат. Службите предупредуваат дека ќе мора да прибегнат кон прекршување на овој закон, освен ако не се направат други обиди за отстранат животните, поради безбедноста на локалното население.
„Јас сум во Нова Земја од 1989 година, но никогаш не сум видел толку голема инвазија на поларни мечки. Мечките буквално ги бркаат луѓето.“, изјавил шефот на локалната администрација, Зиганша Мусин.
Се поставува прашањето, што ги предизвикало мечките да се спуштаат во населеното подрачје? Можеби фактот дека глобалното затоплување им ги уништува природните живеалишта. Можеби фактот дека губат од природната површина и храна поради населувањето на луѓето.
Според властите, тим на експерти е на пат кон Белуша Губа, кој се наоѓа на архипелагот Нова Земја и со население од околу 1.970. Мнозинството се луѓе на некој начин поврзани со работата на објектите за нуклеарните тестови кои се наоѓаат на архипелагот.