Човек од Јамајка кој се претставил на јавноста само како Кампбел, освоил 1 милион евра на националната лотарија. Тој ја остварил добивката кон крајот на минатата година, но чекал скоро два месеци за да си ја подигне наградата.
Но, она што е невообичаено е начинот на кој одлучил да си ја подигне наградата. Човекот сакал да остане анонимен и затоа според него најсоодветно било да стави маска и тоа не било каква.
Камбел ставил маска на негативецот од филмот „Вресок“. Тој вели дека одлучил да постапи така затоа што не сакал роднините да го „бркаат“ за пари и сака да си ги задржи за себе. Победниците на лотарија во карипската земја често носат маски кога ги подигнуваат наградите поради високиот степен на криминал во земјата и се плашат дека ќе бидат вознемирени за пари од семејството и пријателите.
Победникот вели дека планира парите да ги потроши „паметно“, да си купи куќа или стан и да вложи во неговиот мал бизнис за да го прошири.