Најголемиот досега пронајден жолт дијамант во Северна Америка е откриен во рудник во Канада. Жолтиот дијамант тежи 522 карати, со димензии 33,74 x 54,56 мм во суровата форма.
Тој бил откриен во рудникот Диавик, кој се наоѓа на околу 200 километри јужно од Арктичкиот круг во северозападните територии на Канада.
Претходниот рекордер исто така бил ископан во Диавик и бил наречен „Диавик Фоксфајр“ кога бил откриен во 2015 година. Диавик е 60 отсто во сопственост на Рио Тинто, мултинационална рударска фирма со седиште во Лондон и 40 отсто припаѓаат на Доминион Дијамонд. „Бојата и текстурата на дијамантот се уникатен пример за патувањето кое природните дијаманти ги прават од нивното формирање додека не ги откриеме.“, изјавил Кајл Вашингтон, претседател на Доминион Дијамонд.
Големината на дијамантот се споредува со големината на јајце од кокошка. Конечниот скапоцен камен (или скапоцени камења) ќе го носи заштитниот знак Canadamark, кој е во сопственост на Доминион, и означува дека камењата се одговорно извадени од рудникот, природни и нетретирани.
Вредноста на масивниот скапоцен камен сé уште не е позната, бидејќи сѐ уште е подложена на евалуација.