Приказната за девојката која добила помош од бездомник, откако снемала бензин на автопат, која можете да ја прочитате тука, ги разнежни срцата на луѓето низ светот и многу од нив несебично донираа парични средства на нивната GoFundMe кампања.
27-годишната Кејт МекКлур тврдела дека Џони Бобит Јуниор, воен ветеран, ѝ ги дал неговите последни 20 долари за да си стави бензин, а таа за да му се заблагодари сакала да собере пари за него преку GoFundMe. Првин собрале околу 100.000 долари, но работата им „тргнала“ од рака и благодарение на хуманите луѓе собрале над 400.000 долари.
Тогаш ветеранот Џони ги обвинил Кејт и нејзиното момче Марк дека не сакале да му ги дадат парите и оваа вест излезе во медиумите. Тоа ја натерало полицијата да почне да „копа“ и да открие што навистина се случило. Тие откриле дека Марк потрошил дури 100.000 од овие пари во казина во Филаделфија, а Кејт во пораки се фалела на своите пријатели дека приказната е лажна и дека сите тројца се познавале еден месец пред да ја смислат измамата.
Таа пишувала како само сакала луѓето да го сожалуваат за да може да добие пари. Скоро една година Кејт и Марк живееле луксузен живот, расфрлајќи се во скапи хотели, патувања, казина.
Вкупно за Џони донирале околу 14.000 луѓе.
Џони потоа открил дека Кејт и Марк му дале „само“ 75.000 долари и тоа не му било доволно па затоа решил да се „пожали“.
Кејт, Марк и Џони се обвинети за измама и моментално се во притвор, а им се заканува казна затвор од 10 години. Од GoFundMe ветиле дека ќе им ги вратат сите пари на луѓето кои што донирале.