Дефинитивно сте виделе чиндогу. Тие се оние смешни јапонски пронајдоци дизајнирани да решат одреден проблем, но, всушност, се толку бескорисни и невкусни, што можат да создадат само повеќе проблеми. Неколку примери за чиндогу се: стапчиња за јадење со минијатурен електричен вентилатор за ладење на тестенини на патот до устата; очила со прицврстени инки кои му овозможуваат на носителот да ги примени капките за очи со точност; мали чадори прикачени на камери за фотографирање на дожд и тн.

„Во суштина, чиндогу е исто како и Индустриската револуција во Британија“, вели Кењи Каваками, кој го измислил терминот chindōgu, што значи „чудна алатка“ на јапонски. „Една голема разлика е во тоа што, иако повеќето пронајдоци имаат за цел да го направат животот поудобен, чиндогу имаат поголеми недостатоци од претходни производи, така што луѓето не можат да ги продадат.“

Каваками почнал да измислува пронајдоци уште пред 30 години кога работел како уредник за популарно домашно списание за купување по пошта, наречено Цухан Сеикацу, насочено кон луѓето кои живеат на село и не можат да дојдат до големи продавници за да купат одредени производи. Во едно од изданијата на списанието на Кењи му останале неколку празни страни, кои тој решил да ги исполни со неговите пизарни пронајдоци. Очилата со инки биле едни од привите пронајдоци кои се појавиле во списанието.

Со текот на годините неговите чиндогу станале популарни и читателите барале повеќе, а Каваками смислувал нови креации. Со текот на годините, тој развил низа правила – 10 начела – за правилно создавање на чиндогу.

Ова се десетте „заповеди“ на чиндогу:

  1.  Чиндогу не може да биде за вистинска употреба – тие мора да бидат, од практична гледна точка, (скоро) сосема бескорисни.
  2.  Чиндогу мора да постои- мора да биде нешто опипливо иако не може да се користи.
  3.  Мора да постои дух на анархија – Чиндогу мора да биде објект што се ослободува од синџирите на корисност. Тие претставуваат слобода на мисла и акција.
  4.  Чиндогу се алатки за секојдневниот живот – мора да биде корисен (или бескорисен) за секој човек од целиот свет за секојдневниот живот.
  5. Чиндогу не се продава!
  6.  Хуморот мора да биде единствената причина за создавање на чиндогу.
  7.  Чиндогу не е пропаганда. Тие не треба да бидат создадени како перверзни или иронични коментари за жалната состојба на човештвото.
  8. Чиндогу никогаш не е табу- мора да се придржува до основните стандарди на општеството.
  9. Чиндогу не може да се патентира.
  10. Чиндогу нема предрасуди. Секој треба да има еднакви шанси да ужива во секој чиндогу.

„Го презирам материјализмот и сѐ што се претвора во стока. Работите што треба да им припаѓаат на сите се патентирани и претворени во приватна сопственост. Никогаш не сум регистрирал патент и никогаш нема да го направам бидејќи светот на патентите е валкан, полн со алчност и конкуренција.“, изјавил креаторот.

Според статијата од 2001 за Јапонија Тајмс, Каваками направил над 600 чиндогу откако почнал да ги измислува. Сепак, тој не поседува никакви патенти и никогаш не направил ниту една продажба.

Сподели на Facebook
пати видено