Дејвид Хан бил извидник од мал град кој секогаш бил фасциниран од науката и хемијата. Тој толку бил опседнат со науката што станал „мал луд научник“ и направил „домашен“ нуклеарен реактор во неговиот двор, поточно во шупата на неговата мајка и целото соседство станало радиоактивно.
Првин да се запознаеме малку со Дејвид.
Оние кои го познаваат Дејвид велат дека тој бил опседнат со експерименти дури од 6-годишна возраст, а кога неговите родители се развеле, тој почнал уште повеќе да ужива во хемијата. Страста на Дејвид пораснала уште повеќе, кога на подарок, од неговиот дедо ја добил книгата „Златната книга за хемиски експерименти“.
За време на викендите живеел со мајка му и нејзиното момче и бидејќи бил сам во непознато место бил осамен и немал пријатели. Уште на 10-годишна возраст го претворил подрумот на неговата мајка во лабораторија и кога станал тинејџер разнесувал весници и работел во ресторани за брза храна за да обезбеди пари за неговите експерименти.
Дејвид своето време го поминувал во спроведување на експерименти. Тој еднаш дури се појавил на извиднички состанок со портокалово лице бидејќи се предозирал со кантаксантин, затоа што испоробувал нови начини на „вештачко самопотемнување“. Една вечер неговите колеги извидници случајно запалиле голема количина на магнезиум во прав, бидејќи Дејвид сакал да прави огномет.
Родителите на Дејвид често слушале мали експлозии од подрумот или од неговата соба, а во еден момент неговата лабораторија експлодирала, а тој завршил во болница со повеќе мали повреди. Исто така Дејвид успеал случајно да си ја запали куќата со негов експеримент.
Но, наместо мајка му да „полуди“ и да стави крај на неговите експерименти, таа едноставно му кажала да си ја премести лабораторијата во шупата во дворот, за повеќе да не ги слушаат експлозиите.
Кога наполнил 14 години добил значка за атомска енергија бидејќи изградил модел на нуклеарен реактор и напишал неколку трудови за нуклеарна енергија. Тогаш на Дејвид му текнало нешто прилично лудо.
Тој изградил нуклеарен реактор во шупата на неговата мајка. Тој успеал да добие детално упатство за правење реактор така што се преправал дека е професор по хемија и се јавил на Нуклеарната Регулаторна Комисија, од каде чекор по чекор му го објасниле процесот.
За да ги добие состојките пушувал и контактирал повеќе агенции, претставувајќи се лажно и земал мали количини материјали од сите институции. Исто така купил 200 детектори за чад, од кои го извадил елементот америциум. Потрошил 1000 долари за батерии од кои го вадел литиумот. Купувал и часовници кои светат во мрак, од кои го вадел радиумот, а ураниум порачал од Чехословачка. И што е најинтересно неговиот нуклеарен реактор функционирал.
Но, по неколку дена неговиот Гајгеров бројач почнал да покажува радиоактивност од шупата до неговата соба, а по еден месец радиоактивноста се проширила до 5 куќи од неговото соседство. Дејвид сфатил што направил и сакал да го отстрани реакторот.
На 31 август 1994 година Дејвид го ставил реакторот во автомобил, но неговите соседи помислиле дека краде гуми и го пријавиле во полиција. Кога пристигнала полицијата Дејвид им рекол да не го отвараат автомобилот затоа што е радиоактивен. Полицијата помислила дека станува збор за бомба и го повикале тимот за деактивирање на бомби. Радиоактивноста во автомобилот била 1000 пати поголема од нормалата.
Обвинувањата подоцна биле отстранети, а Дејвид не смеел да се врати во куќата на неговата мајка додека властите не го остраниле целосно радиоактивниот отпад во шупата. Неколку години подоцна и со одлично здравје, Дејвид се приклучил на морнарицата на САД, со желба да работи на нуклеарната енергија (таа желба не му се остварила).
Служел 4 години во морнарицата и 3 години во маринците. Тој починал во 2016 година, но не поради неговите експерименти со нуклеарна енергија, туку од труење со алкохол.