Замислете си дека летате со балон. Во кошницата сте само вие и вашиот багаж. Но нешто се случува со балонот и бргу започнувате да губите височина. За помалку од десет минути ќе удрите во земјата освен ако многу брзо не смислите нешто. Погледнувате кон вашите нешта и се двоумите неколку секунди, но потоа почнувате да ги исфрлате нештата кои едно по едно сте ги собирале во животот. Товарот станува полесен, паѓањето забавува и пак ја повратувате височината, продолжувајќи со летањето на ваше големо олеснување.

Reboot Your Life 20 Mental Barriers You Should Let Go Of

Вакво нешто се има случено на повеќето луѓе и во помалку драматични околности. Се приврзуваме за нешта кои сме ги насобрале со текот на годините. Некои можеби имаат практична вредност, а за некои сме приврзани само од сентиментални причини, трети претставуваат само непотребно зафаќаат простор.

Истото се случува и со нашиот умствен живот. Со текот на годините во главата насобираме разни нешта – нашата животна приказна, сентиментални поврзувања, верувања и други нешта кои ни се вртат во умот со години.

Некои од нив се бесполезни идеи кои значително не влечат надолу. Други се емоционални остатоци од преживеаните тешки моменти во минатото. Трети се само некакви верувања кои сме ги закачиле без некоја логична причина. А исто така во себе чуваме и самоуништувачки навики и стравови.

Па така, ако се наоѓате високо во воздухот во балон и сите овие нешта околу вас, и одеднаш започнувате да паѓате, што треба да направите? Еве дваесет полезни совети:

1. Ослободете се од непотребните приврзувања. Според будистичката философија, приврзувањето е еден од корените на страдањето. Се приврзуваме кон најразлични нешта. Треба да си ги поставите следните прашања: Дали сте приврзани кон нешто? Дали тоа на некој начин ве спречува да остварите нешто што посакувате? Дали прави да страдате? Погледнете на нештата од дистанца и разбијте ја илузијата, бидејќи како што сте се приврзале, можете лесно и да се одврзете.

2. Ослободете се од вината. Вината нема никаква функција. Размислете убаво – што може да реши? Само ве заробува во себеумртвеност и тага.

3. Ослободете се од негативното размислување. Песимистичките мисли и негативниот став ве држи заклучени во темна аура која се одразува врз се што правите, бидејќи мислите влијаат врз светот околу нас.

4. Ослободете се од прекумерната самокритичност. Често самите сме си најголем товар на вратот. Самокритичноста е добра само кога е конструктивна и помага реално да ги согледате проблемите и пропустите, но не и да се осудувате себеси поради некоја замислена идеална претстава за себе.

5. Ослободете се од предрасудите. Тие ве прават огорчени и лути и ве спречува во остварувањето на значајни контакти со други луѓе.

6. Ослободете се од компулсивните мисли. Дали постојано правите некои работи само затоа што чувствувате дека треба да ги правите, иако не можете да наведете логична причина за тоа? Време е искрено да ја разгледате полезноста од таквото дејство и страничните ефекти од истото.

7. Ослободете се од потребата за одобрување од другите. Често бараме одобрување од луѓето околу нас, на тој начин барајќи внимание и потврда за нашата лична вредност. Ова може сериозно да се одрази на нашата самодоверба и автентичност.

8. Ослободете се од ограничувачките верувања. Повеќето од нашите ограничувања сме си ги наметнале самите. Животот сам по себе е безграничен, а го омеѓуваме самите ние. Научете да ги препознаете тие ваши непотребни верувања и исфрлете ги од себе.

9. Ослободете се од срџбата. Таа е штетна за вашето срце, а ако долго време ја чувате во себе, може сериозно да се одрази на вашето умствено и телесно здравје.

10. Одвикнете се од „ќе го сторам тоа утре, има време“. Оваа тактика на одложување е потсвесен саботер кој ве спречува да исполните важни задачи. Кога ќе ви се појави тој нагон, станете свесни за него и преборете се за контрола врз тој мал, но значаен дел од вашиот живот.

11. Ослободете се од стресните мисли. Тие се раѓаат од страв од непознатото и несигурноста на иднината. Мислата дека може да се случи нешто непријатно е само нереална мисла која самите сме ја создале. Запрашајте се себеси, дали оваа мисла е заснована врз цврст доказ?

12. Излекувајте го скршеното срце. На скршеното срце му треба долго време да се залечи, и вашиот ум постојано се навраќа на повредата. Треба да разберете дека не е самата загуба таа која прави да страдате, туку мислата за загубата во вашата глава.

13. Ослободете се од лошите сеќавања. Понекогаш се сеќаваме на непријатни нешта кои будат лоши чувства во нас. Со лошите сеќавања тие лоши моменти од минатото повторно ги преживуваме во сегашноста. Оставете ги таму кадешто припаѓаат – во минатото.

14. Ослободете се од непотребните нешта. Често знаеме да насобереме секакви нешта кои ни се плеткаат во домот и ни зафаќаат непотребно место, како облека која веќе не ја носиме, списанија, стари весници, разни дребулии. Подарете ги, исфрлете ги, направете што и да е, но поедноставете и олеснете си го животот.

15. Ослободете се од лошото друштво. Ако околу вас има луѓе кои се неискрени, завидливи, злобни или песимистични и негативни и ви ја црпат енергијата, држете се подалеку од нив.

16. Ослободете се од мислата дека вие сте производ на минатото. Честа грешка во која запаѓаме е верувањето дека нашата иднина е строго определена од искуствата во нашето минато. Ова ги ограничува можностите за во иднина бидејќи сме заглавени во верувањето дека иднината може само да биде иста како нашето минато.

17. Ослободете се од вашето поистоветување со вашата професија. Ова е еден од ризиците на современоста. Бидејќи професиите стануваат се поспецијализирани, почнуваме да мислиме дека нашата професија е дел од нашата личност и на тој начин ја губиме нашата вистинска природа. Ние не сме тоа што го работиме, тоа е само една од работите кои можеме да ги работиме.

18. Ослободете се од контрапродуктивните навики. Ова ви се повторувачките дејствија кои ги правите од навика или мрза, како гледањето телевизија дури и кога нема ништо интересно, бесцелното сурфање на интернет, пушењето цигари, па се до потешките пороци како алкохолизмот и дрогата.

19. Престанете да ги доживувате нештата премногу лично. Често се возбудуваме емоционално бидејќи ги толкуваме зборовите и дејствата на луѓето од многу лична гледна точка, што е причина за болка и разочараност. Погледнете на нештата оддалеку и запрашајте се дали вреди.

20. Престанете да го слушате отчукувањето на часовникот. Времето е најголемиот извор на стрес. Не точно времето, туку начинот на кој го восприемаме. Понекогаш сме заробени од концептот за ограниченото време дури и кога е време за забава и опуштање. Ако научите да ги минувате вашите мигови без постојано мислење за времето може да делува ослободувачки и на крајот да ја зголеми вашата продуктивност.

Сподели на Facebook
пати видено