„Тука нема ништо срамно, во нашата професија мораме да бидеме спремни на сè“ – вели Александра Павлова, актерката која ја толкува главната улога во првиот македонски игран филм од жанрот комедија за возрасни, кој од денес започна да се прикажува во Cineplexx.
МОТИКА: Што те инспирираше да влезеш во проектот Мејкинг Оф?
Во сценариото на филмот главната нитка на приказната е обидот на еден режисер да обезбеди средства за снимање на филм за Александар Македонски, а во Македонија и до ден денес, не е снимен ниту еден филм за овој најголем македонски цар. Позитивната енергијa на режисерот кој и без финансиска поддршка беше цврсто решен да го направи филмот најмногу ме привлече да бидам дел од проектот. Се разбира и целокупната фабула во којашто се опфатени и проблемите на денешницата низ коишто минуваат луѓето во секојдневното урбано живеење.
МОТИКА: Какво е чувството кога снимаш филм од ваков вид?
Морам да признаам дека двата месеци снимање поминаа во исклучиво забавна и пријатна атмосфера благодарение на целокупната прекрасна екипа. И покрај тоа што филмот не беше поддржан од ниту една државна институција, ентузијазмот за работа беше на максимално ниво. А доколку прашањето се однесува на еротскиот момент од филмот, сепак тука немаше ништо срамно, затоа што во секоја професија мораме да бидеме спремни на сè.
МОТИКА: Како беше да се работи со режисерот Кузман Кузмановски?
Соработката беше одлична, a потврда за успешноста e и фактот што нашиот професионален однос прерасна во пријателство коешто трае до ден денес.
МОТИКА: Можеш ли да ни кажеш некоја интересна ситуација од снимањето?
Најинтересна сцена од снимањата беше вечерта кога мојот партнер Владо Дојчиновски требаше несмасно да го имитира Брус Ли вежбајќи со нунчаки. Траеше неколку часа подолго од предвиденото бидејќи цела вечер не можевме да престанеме со смеење.
МОТИКА: Дали твојот лик и ликот на Ванчо Петрушевски се поврзани во филмот?
Ликот на Ванчо Петрушевски го игра мојот татко во филмот. И навистина, иако и претходно се знаевме како колеги од Драмскиот Театар, после ова снимање се зближивме до степен навистина да го чувствувам како татко. Иако во филмот мојот лик е полн со гнев и омраза кон него, во приватниот живот релацијата беше базирана исклучиво на взаемна почит и љубов. Беше првиот кој ми се јави да ме праша дали би учествувала во филмот и тоа никогаш нема да му го заборавам. Огромна е загубата и бескрајно ќе ни недостасува на сите.
МОТИКА: Може ли на кратко да ни го објасниш твојот лик?
Соња ја гледам како еден вид метафора за Македонија како што и самите ќе видите од филмот. Маргинализирана од општеството и полна со гнев се сели во Данска во потрага по подобар живот. Нешто слично на нашата татковина којашто упорно продолжува својата иднина да ја бара во различни западни сојузи. Сепак Соња се враќа во Македонија сфаќајќи дека тука е единственото место каде што може да го постигне сопственото преродување и ослободување, односно да ја достигне својата катарза.
МОТИКА: Зошто треба гледачите да дојдат во кино да го погледнат филмот?
Затоа што е првиот од овој жанр во Македонија. И е навистина забавен и единствен. И затоа што Ванчо велеше: Дечки, правиме историја!!!