Чекам авион на аеродромот во Скопје, но многу доцни. Од досада шетам ваму-таму и стигнувам до делот „Тргнување“. Еден непознат човек ме запира и ме замолува малку да сум му го причувал куферот, за да одел до тоалетот. Се согласувам се разбира, па нели сме луѓе. Стојам и чекам, поминуваат 10 минути, а него го нема, поминуваат 20 и веќе многу ми се пуши цигара и наоѓам еден граничен полицаец и му ја објаснувам ситуацијата. Тој повикува еден колега и двајцата ме водат во една просторија заедно со куферот. Ми земаат лични податоци и доаѓаме до содржина на куферот. Го отвораат и внатре… полно со пари. Ме обзема голема нервоза. Како може да сум таков идиот!? Само да ѕирнев што има внатре, можев да фатам такси и ќе живеев како цар. Граничнаните полицајци само се погледнуваат и почнуваат да ги полнат џебовите со пари.
– А ти што стоиш, ангелу чувар? Ајде почнувај да полниш! – Ми велат.
И почнувам и јас да ги полнам џебовите, а кога ги преполнив, почнав да полнам и во гаќите, полнам и гмечам колку што можам повеќе. Се будам – целиот чаршав сум си го напикал в гаќи.