Во авионот Ембраер 190 имало 97 патници и четворица членови на екипажот. Авионот има капацитет од 100 патници, бил стар 10 години и претходно го користеле уште две авиокомпании пред да се приклучи на флотата на Aeromexico. Е190 редовно се користи за регионални комерцијални летови.

Но, вчера кога авионот полетувал од аеродромот во Дуранго имало големо невреме.

Пилотот се обидувал да го прекине полетувањето од Меѓународниот аеродром во Дуранго поради лошите временски услови, но го стори тоа премногу доцна и се урнал во близина на пистата.

Патничката Џеклин Флорес, изјавила за новинарите дека таа и нејзината ќерка избегале од дупка во трупот на авионот кога авионот бил исполнет со чад и пламен. „Мало девојче плачеше кога излезе од авионот затоа што нејзините нозе беа изгорени.“ Флорес вели дека нејзиниот пасош и документи изгореле во пожарот. „Се чувствувам благословена и благодарна на Бога.“, додава таа.

Лоренцо Нунез, патник од Чикаго, кој избегал од авионот со неговите два сина и сопруга вели: „Беше навистина, навистина лошо. Изгоре во неколку секунди.“

Ромуло Кампузано, шеф на политичка партија во Дуранго, кој бил во авионот, изјавил дека двете крила на авионот гореле кога тој излегол од него.

За среќа сите патници во авионот преживеале, но двајца се во критична здравствена состојба. Авионот удрил на земјата со носот, така што еден од критично повредените во авионската несреќа е пилотот.

Истражување за точните причини кои ја предизвикале несреќата допрва ќе започне.

Сподели на Facebook
пати видено